Hebrews 6
1 Затоа да го оставиме почетокот на Христовото учење и да се стремиме кон совршенство, да не полагаме пак основа на покајанието од мртви дела и на верата во Бога,
2 на науката за крштавањето, за возлагањето раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд.
3 И ова ќе го направиме, ако позволи Бог.
4 Зашто оние, кои веднаш се просветија, вкусија од небесниот дар, станаа учесници на Светиот Дух.
5 И, откако вкусија од добриот збор Божји и од силите на идниот век,
6 отпаднаа – не е можно пак да бидат обновени за покајание, кога повторно во себеси го распнуваат Синот Божји и Го хулат.
7 Оти земја, кога го впива дождот, што често паѓа на неа, и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов;
8 а онаа, што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството, кое завршува со изгорување.
9 Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително, иако така зборуваме.
10 Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот во љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите.
11 А ние сакаме, секој од вас да ја покажува истата усрдност за одржување на полната надеж до крај,
12 та да не станете мрзливи, туку да ги подражавате оние, кои што преку вера и трпение ги добиваат ветувањата.
13 Бог, кога му ветуваше на Авраама, бидејќи немаше ништо поголемо, во што би се заколнал, се заколна во Себеси,
14 велејќи: »Навистина ќе те благословам и преблагословам, ќе те размножам и преумножам«,
15 и така, со долго трпение, тој го доби ветеното.
16 Луѓето, пак, се колнат во погорно од себеси, и клетвата како потврда на секоја нивна препирка тура крај.
17 Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва,
18 та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта, што ни е дадена,
19 а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер, и кој влегува дури зад завесата,
20 каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков.