Genesis 45
1 Тогаш Јосиф, не можејќи повеќе да се воздржи пред оние кои стоеја околу него, извика: »Отстранете ги сите од мене.« И така никој не остана при Јосифа кога им се откри на браќата свои.
2 Па заплака силно, така што чуја Египтјаните, а се чу и во домот на Фараонот.
3 И им рече Јосиф на браќата свои: »Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?« Но браќата не можеа да му одговорат, бидејќи се смутија пред него.
4 Но Јосиф им рече на браќата свои: »Дојдете поблизу до мене!« И тие пристапија; а тој им рече: »Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет.
5 А сега, пак, не жалостете се ниту да жалите што ме продадовте ваму, оти Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш.
6 Оти има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва.
7 Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување.
8 И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог. Кој ме постави како татко на Фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата земја Египетска.
9 Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди при мене, не одлагај.
10 Ќе живееш во земјата Гесем Арабиски и ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и овците твои, и воловите и сѐ што е твое.
11 А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има на земјата уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘
12 И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа, дека мојата уста ова ви го зборува.
13 Раскажете му на таткото мој за сета слава моја во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.«
14 Потоа го прегрна братот свој Венијамина и плачеше над него. А и Венијамин плачеше, над братот негов.
15 И ги целива сите браќа свои и плачеше над нив, прегрнувајќи ги. Потоа неговите браќа разговараа со него.
16 Тогаш глас се пренесе во домот на Фараонот, дека пристигнале браќата на Јосифа. И се зарадува Фараонот и слугите на неговите дворјани.
17 И му рече Фараонот на Јосифа: »Кажи им на браќата твои – еве што ќе направите: ‚Натоварете ги ослите ваши, и вратете се во земјата Хананска.
18 Па земете го таткото ваш и сѐ што е ваше и дојдете кај мене, и ќе ви ја дадам најубавата земја што ја има во Египет, и така вие ќе живеете во изобилие во оваа земја.‘
19 А тебе, пак, ти заповедам да им кажеш – Вака направете: ‚Земете со себе од земјата Египетска коли за децата ваши и за жените ваши, и поведете го таткото ваш, и дојдете ваму.
20 И немојте да жалите за покуќнината ваша, зашто сѐ, што е најубаво во земјата египетска, ќе биде ваше.‘«
21 И синовите Израилеви така постапија. А Јосиф им даде коли, по наредба на Фараонот; им даде и храна за по пат.
22 И на секого им даде по две облеки, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет промени.
23 А и на татка си свој му испрати десет осли, натоварени со најубави работи, што имаше во Египет, и десет ослици, натоварени со жито и храна на татка му за по пат.
24 Тогаш ги испрати браќата свои, и тие тргнаа; а им порача: »Немојте да се карате патем!«
25 И така тие излегоа од Египет, и стигнаа во земјата Хананска кај Јакова, таткото нивни.
26 И му раскажаа сѐ, велејќи: »Јосиф, синот твој е жив, и тој е господар над целата земја Египетска.« А неговото срце се смути, зашто не им веруваше.
27 Но, кога му раскажаа за сѐ, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде колите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш оживе духот на Јакова, таткото нивни.
28 И рече Израил: »Доволно е што е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам.«