Genesis 44
1 Потоа му заповеда Јосиф на домоуправителот свој, велејќи: »Наполнете им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата ставете им ги парите нивни;
2 а чашата моја сребрена ставете му ја на најмалиот во вреќата, и парите негови за купеното жито!« И тој направи така, како што му рече Јосиф.
3 А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со ослите нивни.
4 Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: »Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги стигнеш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘.
5 Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? И нема ли секако по неа да познае какви сте. Лоша направивте со тоа.«
6 И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови.
7 А тие му одговорија: »Зошто зборуваш, господару, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не можат да направат.
8 Дури и парите, што ги најдовме при отворот на вреќите, ги донесовме од земјата Хананска, па како можевме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато?
9 А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.«
10 А тој, пак, рече: »Нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.«
11 И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа.
12 А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и кога дојде до најмалиот, и се најде чашата во вреќата Венијаминова.
13 Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на својот осел, и се вратија во градот.
14 И влезе Јуда со браќата свои во домот на Јосифа, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на коленици.
15 А Јосиф им рече: »Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, погодува и секако ќе може да разбере?«
16 Тогаш рече Јуда: »Што да одговориме, господару наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господару, и ние и овој, во кого се најде чашата!«
17 Но Јосиф одговори: »Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.«
18 Но Јуда пристапи до него и рече: »Господару, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си по Фараонот.
19 Господарот мој ги праша слугите свои влејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘
20 А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘
21 А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘
22 И ние му рековме на господарот: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави татка си свој, тој веднаш ќе умре.‘
23 А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас братот ваш најмал, нема повеќе да го видите лицето мое.‘
24 Па, кога се вративме кај слугата твој, а таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш.
25 Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘
26 А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘
27 А и слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина.
28 А еден од нив отиде од мене, и рековте – »Сигурно е растргнат«, и јас досега не го видов.
29 Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја невола по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘
30 И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, а ова дете да не биде со нас, бидејќи душата негова е сврзана за душата на овој,
31 и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, а таткото наш, со тага в гроб.
32 А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘
33 Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои.
34 Оти, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Не би можел да ја гледам тагата, што ќе го снајде мојот татко.«