Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Genesis 31

:
Macedonian - 1990
1 Во тоа време чу Јаков дека синовите Лаванови зборуваат: »Јаков зеде сѐ, што беше на нашиот татко, и од она што беше на нашиот татко, го доби тоа цело богатство.«
2 И виде Јаков дека лицето на Лавана не е спрема него како вчера и завчера.
3 И му рече Господ на Јакова: »Врати се во земјата на таткото свој и во родот свој; и Јас ќе бидам со тебе!«
4 Тогаш испрати Јаков, и ги повикаа Рахил и Лија од полето, каде што беше стадото,
5 и им рече: »Гледам дека лицето на вашиот татко не е спрема мене како вчера и завчера; но Бог на таткото мој беше со мене.
6 Вие самите знаете дека на вашиот татко му служев со сета своја сила,
7 а таткото ваш ме лажеше и десетпати ми ја мени платата, но Бог не му дозволи да ми направи зло.
8 Кога тој ќе речеше секоја шарена нека биде твоја награда, тогаш сите се раѓаа шарени. А кога ќе речеше секоја пружеста да ти биде плата тогаше сите се раѓаа пружести.
9 Така Бог го одзеде добитокот од вашиот татко и ми го даде мене.
10 Еднаш, кога се пареше доботокот, ги кренав очите мои и видов сон, а тоа овните и јарците што скокаа на овците и козите беа пружести, наместа бели и шарени.
11 И ангел Божји ми рече во сонот: ‚Јакове!‘ А јас одговорив: ‚Еве ме!‘
12 А тој рече: ‚Крени ги очите твои и погледај, овните и јарците што скокаат на овците и козите, се пружести, со бели дамки и шарени; оти гледам сѐ што ти прави Лаван.
13 Јас сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде што го прели каменот и ми направи таму завет; стани сега и оди си од оваа земја, и врати се во родниот крај и ќе бидам со тебе.‘«
14 Тогаш одговорија Рахил и Лија, и му рекоа: »Дали имаме уште некаков дел од наследството во домот од таткото наш?
15 Зарем не нѐ сметаше како туѓинки? Тој нѐ продаде и го изеде нашето сребро.
16 Сето ова богатство и слава, што му ги зеде Бог на таткото наш, ќе биде наше и на нашите деца. Затоа сега прави онака како што ти рекол Бог.«
17 И се крена Јаков, па ги качи децата свои и жените свои на камили;
18 и го зеде со себе сиот свој добиток, и целото свое богатство, што го беше придобил во Месопотамија, за да појде кај Исака, таткото негов, во земјата Хананска.
19 А Лаван беше отишол да ги стриже овците свои; тогаш Рахил му ги украде идолите на таткото свој.
20 И Јаков затаи од Лавана Арамеецот, не јавувајќи му дека ќе си оди.
21 И си замина тој со целото богатство свое, и се крена и премина преку реката, па се упати кон гората Галад.
22 На третиот ден му јавија на Лавана Арамеецот дека Јаков побегнал.
23 И ги зеде со себе синовите и браќата свои, па тргна по него во потера, и по седум дена го стигна во гората Галад.
24 Но Бог му дојде на Лавана Арамеецот ноќе во сон, и му рече: »Пази се, не зборувај му на Јакова лошо!«
25 И го настигна Лаван Јакова; а Јаков ги беше распнал шаторите свои во гората. А и Лаван исто така ги распна со сродниците свои во гората Галад.
26 И Лаван му рече на Јакова: »Што направи? Зошто ме излага и ги одведе ќерките мои, како со оружје грабнати?
27 Зошто тајно избега и скришум отиде од мене? Ако ми кажеше, јас ќе те испратев со веселба и со песни, со тимпани и гусли?
28 Ти не ме удостои дури ни да ги бакнам внуците мои и ќерките мои? Постапи навистина неразумно.
29 Сега можам да постапам лошо со тебе. Но Бог на вашиот татко ми рече ноќеска, велејќи: ‚Пази се, на Јакова не зборувај му лошо.‘
30 Оди си, значи, кога толку си се зажелел да се најдеше во куќата таткова но зошто ги украде идолите мои?«
31 А Јаков му одговори на Лавана и рече: »Се плашев, оти помислив дека насила ќе ми ги грабнеш ќерките свои од мене, и сѐ мое.«
32 И рече Јаков: »Кај кого ќе ги најдеш идолите твои, тој нека не живее повеќе; пред нашите сродници барај го она, што е твое кај мене.« Но тој ништо не најде кај него, а Јаков, пак, не знаеше дека Рахил, жената негова, ги украла.
33 И влезе Лаван и ги пребара во шаторот на Јакова и во шаторот Лиин и во шаторот на двете робинки, и не ги најде. Па, откако излезе од шаторот на Лија, влезе во шаторот на Рахил.
34 А Рахил беше ги зела идолите и ги сокрила под седлото на една од камилите и беше седнала на нив.
35 А таа му рече на таткото свој: »Немој да се налутиш, господару мој, што не можам да станам пред тебе, оти го имам она што е кај жените обично.« И ги бараше Лаван по целиот шатор, но не ги најде идолите свои.
36 И Јаков се налути, па се скара со Лавана и, велејќи, му рече: »Што сум направил, што сум згрешил, па толку жестоко ме гониш?
37 Ги пребара сите работи мои, и што најде од куќата твоја? Покажи овде пред моите и пред твоите сродници, и тие нека пресудат меѓу нас двајцата.
38 Еве, дваесет години бев кај тебе: овците твои и козите твои не се јаловеа; а овни од твоето стадо не јадев.
39 Што ќе заколеа ѕверовите, не ти го носев, сам го надоместував; од мене го бараше она, што ќе беше загубено дење или ноќе.
40 Дење ме изнуруваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите.
41 Такви ми беа дваесетте години во твојата куќа. Ти служев четиринаесет години за двете ќерки твои и шест години за овците твои, и платата ми ја измени десетпати.
42 Да не беше со мене Бог на мојот татко, Бог Авраамов, и стравот од Исака со мене, ти секако би ме отпуштил празен. Но Бог ја виде мојата неволја и трудот на рацете мои, па те прекори вчера.«
43 А Лаван му одговори на Јакова и рече: »Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца, добитокот е мој добиток и, сѐ што гледаш, сѐ е мое и на ќерките мои; па можам ли нешто да им направем ним и на децата што ги родија тие?
44 Туку ајде да склучиме сојуз јас и ти, и тоа нека биде сведоштво меѓу мене и тебе!« А Јаков му рече: »Никого нема со нас. Бог е сведок меѓу мене и тебе.«
45 Тогаш Јаков зеде камен и го постави за спомен.
46 И им рече Јаков на сродниците свои: »Соберете камења!« И Насобраа камења и ги нафрлија на куп, и јадеа таму на купот. Му рече Лаван: »Оваа грамада денес сведочи меѓу мене и тебе.«
47 Лаван го нарече купот Јегар Сахадут, односно грамада сведоштво. А Јаков го нарече Галад, т.е. грамада сведок.
48 И му рече Јаков на Лавана: »Овој куп и овој камен што го поставив меѓу мене и тебе ќе сведочи пред мене и тебе и затоа се нарече со името Галад.«
49 А се нарече и Миспа, оти Лаван рече: »Нека гледа Бог на мене и на тебе, откако ќе се разделиме еден од друг.
50 Ако постапуваш со ќерките мои лошо или ако земаш други жени покрај ќерките мои, тоа, иако нема човек да биде меѓу нас да гледа, ете, Бог е сведок меѓу мене и тебе.«
51 И уште му рече Лаван на Јакова: »Еве го овој куп, еве го овој споменик, што го поставив меѓу тебе и мене;
52 овој спомени нека биде сведок дека ниту јас нема да мина преку овој куп кај тебе, ниту ти кај мене ќе минеш преку овој куп и преку овој споменик за лошо.
53 Бог Авраамов и Бог Нахоров, нека суди меѓу нас!« И Јаков се заколна во стравот на неговиот татко Исака.
54 Тогаш Јаков закла жртва во гората, и ги повика сродниците свои; и тие јадеа, пиеја и ноќеваа во гората.
55 А утрина стана Лаван, и ги бакна внучињата и ќерките свои, и ги благослови; па се врати Лаван и отиде во своето место.