Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 32

:
Macedonian - 1990
1 И Јаков тргна по својот пат и виде војска Божја спроти него; и го сретнаа ангели Божји.
2 А кога ги виде, Јаков рече: »Ова е Божја војска.« И затоа местото го нарече Маханаим.
3 И прати Јаков пред себе гласници кај Исава, братот негов, во земјата Сеир, во крајот Едомски.
4 Па им заповеда и рече: »Вака речете му на господарот мој Исава: ‚Еве што вели слугата твој Јаков: бев при Лавана и досега се задржав таму;
5 а имам волови, осли и ситен добиток, слуги и слугинки; затоа испратив да го известат господарот мој Исава; не би ли нашол слугата твој милост пред тебе?‘«
6 И се вратија гласниците кај Јакова и му рекоа: »Отидовме при братот твој Исав, и ете тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини души.«
7 А Јаков се уплши многу и се загрижи; па ги раздели во две групи своите луѓе што беа со него, и овците, и воловите, и камилите.
8 И рече Јаков: »Ако Исав удри на едната група и ја разбие, можеби втората ќе се спаси.«
9 И пак рече Јаков: »Боже на таткото мој Авраама, Боже на таткото мој Исака, Господи Боже, Ти, Кој ми рече ‚Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор!‘
10 Не сум заслужил толкава милост и толкава вера што му ја направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора.
11 Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би, кога ќе дојде да ме убие мене, да ги убие и мајките и децата.
12 А Ти рече ‚Навистина Јас ќе ти бидам добротвор, и ќе направам потомството твое да биде како песокта морска, кое од множество не ќе може да се изброи.‘«
13 И преноќева таму таа ноќ, и зеде од сѐ она што му беше при рака, па му испрати дарови на својот брат Исава:
14 двесте кози со двесте јарци, двесте овци со двесте овни,
15 триесет камили родилки со камилчиња, четириесет крави и десет јуниња, дваесет ослици и десет осли.
16 И им ги предаде на слугите свои, секое стадо посебно. Па им рече на слугите свои: »Врвете пред мене и оставајте доволно растојание меѓу едното стадо и другото!«
17 И му заповеда на првиот, велејќи: »Ако те сретне Исав, братот мој, и те праша, велејќи: ‚Чиј си?‘ и ‚Каде одиш?‘ и ‚Чие е тоа што го тераш пред тебе?‘
18 А ти кажи ‚На слугата твој Јакова, а ова му го испраќа како дар на господарот свој Исава, и ете, и самиот доаѓа по нас.‘«
19 Што му заповеда на првиот, така направи и на вториот и на третиот и на сите што одеа по стадата, и рече: »Така кажете му на Исава, кога ќе го сретнете.«
20 И уште рече: »Ете, Јаков слугата твој, доаѓа по нас.« Оти си велеше; »Ќе го ублажам со даровите што одат пред мене, па ќе му го видам тогаш лицето; можеби, и ќе ме прими.«
21 Така даровите тргнаа пред него, а тој преноќева таа ноќ кај таборот свој.
22 И ноќта стана, па откако ги зеде обете жени свои и двете робинки и единаесетте синови свои, го премина потокот Јавок.
23 А откако нив ги зеде и ги преведе преку потокот, пренесе и сѐ друго што имаше.
24 А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори.
25 И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот додека се бореше со Него.
26 Па тогаш рече: »Пушти Ме веќе, зора е!« Но Јаков одговори: »Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш.«
27 И му рече: »Како се викаш?« А тој одговори »Јаков«.
28 Тогаш му рече: »Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше и со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.«
29 А Јаков праша и рече: »Кажи ми го името Твое!« А Он одговори: »Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно?« И го благослови таму.
30 И Јаков го нарече она место со името Фануил, зашто, рече; »Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси.«
31 А сонцето беше изгреало кога го мина Фануил, и накривнуваше поради колкот.
32 Затоа синовите Израилеви не ја јадат жилата кај зглобот од бедрото се до денешен ден, бидејќи зглобот на бедрото од Јакова му беше исчашен во тетивата.