Galatians 6
1 Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани.
2 Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов.
3 Зашто оној, кој што сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе.
4 Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг,
5 оти секој ќе го понесе своето бреме.
6 А оној, што се учи на словото, нека му дава дел од секое добро на оној, кој што го учи.
7 Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее:
8 кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот.
9 Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се.
10 И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера.
11 Ете колку многу ви напишав со својата рака.
12 Оние што сакаат да се фалат по тело, тие ве принудуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети поради крстот Христов.
13 Оти, и оние, што се обрезуваат, сами не пазат на Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се пофалат со вашето тело;
14 а мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот.
15 Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новата твар.
16 На оние што постапуваат по тоа правило, нека биде мир и милост, ним и на Израилот Божји!
17 И така, никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело раните на Господа Исуса.
18 Благодатта на нашиот Господ, Исуса Христа нека биде со вашиот дух, браќа. Амин!