Galatians 4
1 Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ;
2 туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си.
3 Па така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот;
4 но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот,
5 за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение.
6 А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!
7 Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Божји преку Исуса Христа.
8 Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови, кои по својата природа не се богови;
9 а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како тоа пак да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои пак сакате одново да им служите?
10 Гледате на деновите, месеците, времињата и годините.
11 Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас.
12 Ве молам, браќа, бидете како што сум јас, затоа што и јас бев како вие. Вие со ништо не сте ме навредиле:
13 знаете дека, кога ви проповедав, за првпат бев телесно немоќен,
14 и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнусивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исуса Христа.
15 Каде ви е сега блаженството ваше? Сведочам за вас, дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале.
16 И така, непријател ли ваш ви станав, кажувајќи ви ја вистината?
17 Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.
18 Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.
19 Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос,
20 сега би сакал да бидам помеѓу вас и да го изменам гласот свој, бидејќи сум во недоумение за вас.
21 Кажете ми, вие, што сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот?
22 Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.
23 Но оној што беше од слугинката, се роди по плот; а оној што беше од слободната – по ветување.
24 А ова е речено сликовито и ги претставува двата завета: едниот од Синајската планина, која раѓа за ропство; а тој е Агара,
25 бидејќи Агара ја означува планината Синај во Арабија, а одговара на сегашниот Ерусалим и робува со децата свои;
26 а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.
27 Оти е напишано: »Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, што не си искусила породилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж!«
28 Ние, пак, браќа, сме како Исак, чеда на ветувањето.
29 Но, како тогаш, оној што се роди по плот, го гонеше родениот по дух, така е и сега.
30 А што зборува Писмото? »Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто синот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!«
31 И така, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.