Galatians 3
1 О неразумни Галатјани! Кој ве замаја, та не се покорувате на вистината, вие, пред чии очи Исус Христос беше изобразен, а сега, еве, меѓу вас се распна?
2 Само ова сакам да го узнаам од вас: преку делата по Законот ли го добивте Духот или преку послушноста во верата?
3 Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате?
4 Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!
5 Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го врши тоа, или преку послушноста во верата?
6 Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се прими за оправдание.
7 Знајте, пак, дека оние, што се потпираат на верата, се синови Авраамови.
8 И Писмото, како што предвидуваше, оти Бог преку вера ги оправдува иноверците, однапред му благовести на Авраама: »Во тебе ќе бидат благословени сите народи.«
9 И така, оние, што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам;
10 а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Оти е напишано: »Проклет да е секој, кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!«
11 А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, оти »Праведниот ќе живее преку верата.«
12 А Законот не е од верата, туку зборува: »Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив«.
13 Христос нѐ искупи од клетвата на Законот, откако поради нас стана клетва, бидејќи е напишано: »Секој да е проклет што виси на дрво!«,
14 та благословот на Авраама да се распространи над незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата.
15 Браќа, зборувам на човечки начин: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растури или дополни.
16 Но ветувањата му беа дадени на Авраама и на семето негово. Не е речено: »и на семињата«, како за мнозина, а за еден: »и на семето твое«, кое е Христос.
17 Јас, пак, велам дека Законот што се јави по четиристотини и триесет години, не го одменува порано утврдениот од Бога завет за Христа, та ветувањето да ја изгуби силата,
18 оти, ако наследството е по Законот, тоа веќе не е според ветувањето; а на Авраама му го дарува по ветување.
19 Зошто е, пак, даден Законот? Тој се додаде поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, преку рака на посредник.
20 Но посредникот не бива само посредник на еден, а Бог е еден.
21 Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Оти, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе излегуваше од Законот.
22 Но Писмото сите ги затвори под грев, та ветеното да им се даде на оние, кои веруваат во Исуса Христа.
23 Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата, која имаше да се открие.
24 И така, Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата;
25 а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.
26 Оти сите сте синови Божји преку верата во Христа Исуса;
27 сите, што е крстивте во Христа, во Христа се облековте.
28 Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.
29 А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.