Galatians 2
1 И на четиринаесет години потоа пак се искачив во Ерусалим со Варнава, откако го зедов со себе и Тит.
2 А влегов по откровение и им го изложив на верните, посебно на највидните, Благовестието што Го проповедам кај незнабошците дека не трчам залудо или, пак, залудо сум трчал.
3 Но и Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обреже.
4 Што се однесува, пак, од лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нѐ поробат,
5 ним ни за час не се оставивме да нѐ покорат, та да се запази во вас вистината на Евангелието.
6 А во врска, пак, со највидните – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно: Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.
7 Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено да благовестам на необрезаните, како на Петра – на обрезаните,
8 – оти Оној, Кој му помогна на Петра во апостолството меѓу обрезаните, ми помогна и мене меѓу незнабошците –
9 и кога узна за благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои се броеја за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката и се согласија ние да отидеме при незнабошците, а тие – при обрезаните,
10 порачувајќи ни само да ги помниме сиромасите, за кое се погрижив и точно да го исполнам.
11 А кога дојде Петар во Антиохија, јас лично му се спротивставив, оти се беше изложил на осудување;
12 бидејќи, пред да пристигнат некои од Јакова, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, плашејќи се од обрезаните.
13 Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што дури и Варнава така направи.
14 А кога видов дека тие не постапуваат точно според евангелската вистина, му реков на Петра пред сите: кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?
15 Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.
16 Откако узнавме дека човекот се оправдува не преку делата од Законот, туку само преку верата во Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме преку верата во Христа, а не преку делата од Законот; оти преку делата од Законот нема да се оправда ниедна плот.
17 Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христа, и сами се најдовме грешници, зарем Христос е слуга на гревот? Тоа никако!
18 Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;
19 преку Законот умрев за Законот, и, за да живеам за Бога, се распнав со Христа;
20 и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене.
21 Не ја отфрлувам благодатта Божја; оти ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.