Galatians 1
1 Павле, апостолот, повикан ни од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исуса Христа и Бога Отецот, Кој Го воскресна од мртвите,
2 и сите браќа, што се со мене – до црквите во Галатија:
3 благодат и мир на вас од Бога и Отецот и нашиот Господ Исус Христос,
4 Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот лукав век, по волјата на Бога и нашиот Отец,
5 Кому нека е слава во веки веков. Амин!
6 Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго благовестие;
7 не затоа што има друго евангелие, но има такви, што ве смутуваат и сакаат да го изопачат Благовестието Христово.
8 Но дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема!
9 Како што рековме порано, и сега пак велиме: оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте – нека биде анатема!
10 Во луѓето ли сега барам благоволение, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11 Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го благовестив, не е човечко,
12 зашто ни јас го примив, ниту го научив од човек, а преку откровението на Исуса Христа.
13 А сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква, и ја разорував;
14 и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
15 А кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи
16 во мене да Го открие Својот Син, за да благовествувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта,
17 ниту, пак, отидов во Ерусалим при оние, што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18 А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петра, и останав при него петнаесет дена.
19 Други, пак, од апостолите не видов освен Јакова, братот Господов.
20 А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.
21 А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.
22 На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат,
23 туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал.
24 И Го прославува Бога за мене.