Ezekiel 9
1 Извика на ушите Мои со силен глас и рече: »Нека се приближат оние, што сакаат да го казнат градот, секој со своето убиствено оружје во рацете.«
2 И ете, шестмина луѓе влегуваат од горната врата свртени кон север и кај секого во раката убиствено сечиво, а меѓу нив еден облечен во ленена облека, а на појасот негов сапфир и дојдоа, па застанаа до бакарниот жртвеник.
3 И славата на Бога Израилев се спушти од херувимите, на кои беше, врз прагот на домот. Го повика Бог човекот, облечен во ленена облека и кој имаше на бедрата појас.
4 И му рече Господ: »Мини по средината на градот, по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата од луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него.«
5 А на оние чув да им каже: »Одете по него во градот и убивајте; вашето око да не жали, и не штедете:
6 старец, момче и девојка, младенец и жена, бијте ги до смрт, но не гибајте ни еден од луѓето кои имаат знак, а почнете од моето светилиште.« И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот.
7 И им рече: »Осквернете го домот, наполнете ги дворовите со убиени и излезете.« Тие излегоа и почнаа да убиваат по градот.
8 А кога убиваа, јас останав и паднав ничкум, извикав и реков: »О, Господи, зар ќе го истребиш сиот остаток на Израилот, изливајќи го гневот Свој врз Ерусалим!«
9 И ми рече Он: »Бесчестието на домот Израилев и Јудин е многу големо; и оваа земја е полна со крв, градот е исполнет со неправда; оти тие велат: ‚Господ ја остави оваа земја, Господ не гледа.‘
10 Затоа и окото мое нема да ги пожали и нема да се смилува; делата нивни ќе ги свртам врз нивните глави.
11 И ете, човекот, облечен во ленена облека и со мастилница на појасот, одговори и рече: ‚Извршив како што ми заповеда‘.«