Ezekiel 36
1 А ти сине човечки, искажи пророштво за планините Израилеви и кажи: »планини Израилеви, чујте го словото Господово.
2 Вака вели Господ Бог: бидејќи непријателот вели за вас: ‚о, о, и вечните светилишта ни паднаа како дел‘;
3 затоа изречи пророштво и кажи: така вели Господ Бог – токму поради тоа, што ве опустошуваат и ве грабаат од сите страни, за да станете сопственост на други народи, и да се изложите на срам и поруга,
4 затоа, планини Израилеви, чујте го словото од Господа Бога – вака им вели Господ Бог на планините и на ридовите, на долиштата и долините и на запустените урнатини и напуштените градови, кои станаа грабеж и подбив за другите околни народи;
5 затоа така вели Господ Бог: во Својата пламена ревност изреков слово против други народи и против сета Идумеја, кои си ја определија земјата Моја за сопственост и си ја присвоија како плен со срдечна радост и со презир во душата,
6 затоа изречи пророштво за земјата Израилева и кажи им на планините и ридовите, на долиштата и на долините – вака вели Господ Бог: еве, Јас го реков тоа во ревноста Своја и во јароста Своја, оти вие носите на себе потсмев од народите.
7 Затоа, така вели Господ Бог: Јас ја кренав раката своја со клетва, дека народите што се околу вас, тие самите ќе го понесат својот срам.
8 А вие, планини Израилеви, проширете се и ќе принесувате плодови на Мојот народ, Израилот, зашто тие скоро ќе дојдат.
9 Оти, еве, кон вас се обрнувам, и вие ќе бидете обработувани и засејувани.
10 И ќе населам во вас многу луѓе, сиот дом Израилев, и градовите ќе бидат населени и урнатини обновени.
11 Ќе ги намножам кај вас и луѓето и добитокот, и тие ќе се плодат и размножуваат, и ќе ве населам како што беше во поранешните времиња, ќе ви правам добро повеќе отколку во поранешните времиња, та ќе познаете, дека Јас сум Господ.
12 Ќе доведам при вас луѓе, народ Мој Израилот, и тие ќе владеат со вас. Ти земјо ќе бидеш нивно наследство и кај нив ќе нема веќе луѓе бездетни.
13 Така вели Господ Бог – бидејќи велат за вас: ‚ти си земја што јадеш луѓе и што правиш народот да е без деца‘,
14 затоа, веќе нема да ги јадеш луѓето и во иднина нема да создаваш народ бездетен, вели Господ Бог.
15 И нема веќе да слушаш потсмев од народите и нема веќе да трпиш врз себе хули од племињата, и во иднина нема веќе да ги правиш луѓето да се без деца,« вели Господ Бог.
16 И би слово Господово до мене:
17 »Сине човечки, кога домот Израилев живееше во својата земја, тој ја осквернуваше со поведението свое и со делата свои; патот нивни им беше пред Моето лице како нечистотија на жена, кога се чисти.
18 Јас, го излеав врз нив гневот Свој за крвта, што ја пролеваа во таа земја, и заради тоа што ја осквернуваа со своите идоли.
19 Ги распрснав меѓу народите и ти се расеани по земјите, ги судев според нивните патишта и според нивните гревови.
20 И отидоа тие при народите, каде што го обеславија Моето свето име, оти за нив велат: ‚Тие се народ на Господа и излегоа од Неговата земја.‘
21 Зажалив заради името Мое свето, што домот Израилев го обеслави кај народите, каде што отидоа.
22 Затоа, кажи му на домот Израилев: вака вели Господ Бог: доме Израилев, ќе го направам тоа не заради вас, туку заради името Мое свето што го обеславивте при народите, каде што отидовте.
23 Ќе го осветам великото име Свое, обеславено кај народите, меѓу кои го обеславивте, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, вели Господ Бог, кога ќе ја покажам светоста Своја во вас пред нив.
24 Ќе ве земам од кај народите, ќе ве соберам од сите страни и ќе ве доведам во вашата земја.
25 Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам.
26 Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо.
27 Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои.
28 И ќе живеете во земјата, која им ја дадов на татковците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог.
29 Ќе ве ослободам од сите ваши нечистотии, ќе го повикам житото и ќе го умножам и нема да ве оставам да трпите глад.
30 Ќе ги умножам плодовите по дрвјата и полските производи, па во иднина да не трпите навреди од народите поради глад.
31 Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи.
32 Тоа ќе го направам, не заради вас, вели Господ Бог, туку да ви биде јасно – црвенејте и срамувајте се од вашите патишта, доме Израилев.«
33 Така вели Господ Бог: »Во оној ден, кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, и ќе ве населам во градовите и ќе бидат обновени урнатините;
34 и опустошената земја што беше пустиња во очите на секој минувач, ќе биде обработена,
35 тогаш ќе речат: ‚оваа запустена земја стана како Едемската градина и запустените и разорени градови се зацврстија и населија.‘
36 Па ќе познаат народите, што ќе останат околу вас, дека Јас, Господ, одново изградувам разрушено, засадувам запустено. Јас Господ, го реков тоа и го извршив.«
37 Така вели Господ Бог: »Еве, уште и во ова ќе ја покажам милоста Своја кон домот Израилев, ќе го намножам со луѓе како стадо.
38 Како што има многу жртвени овци во Ерусалим за време на празниците, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови и ќе познаат, дека Јас сум Господ.«