Ezekiel 37
1 И би раката Господова врз мене и Господ ме изведе преку духот, ме постави среде полето – а тоа беше полно со коски,
2 и ме проведе околу нив, а таму имаше многу, многу коски во полето и тие беа наполно суви.
3 И ми рече: »Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?« И реков: »Господи Боже, Ти го знаеш тоа.«
4 Па ми рече – изречи пророштво за тие коски и кажи им: »Коски суви, чујте го словото Господово!«
5 Така им вели Господ Бог на оние коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете.
6 Ќе ви дадам жили, ќе направам на вас да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе вдахнам во вас дух, па ќе оживеете и ќе познаете, дека Јас сум Господ. –
7 Јас го изреков ова пророштво како што ми беше заповедано, и кога пророкував, се чу шум, и, ете, движење, па почнаа коските да се зближуваат, секоја коска до својата коска.
8 И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожа ги покри одозгора, но дух немаше во нив.
9 Тогаш Он ми рече – изречи пророштво за духот, изречи пророштво сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Господ Бог: дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие убиени и тие ќе оживеат.
10 И јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда Он и влезе во нив дух – и тие оживееја и се исправија на нозете свои – многу, многуброен народ.
11 Тогаш Он ми рече – сине човечки, овие коски се сиот дом Израилев. Ете, тие велат: »Се исушија нашите коски, и загина нашата надеж – ние сме истргнати од коренот.«
12 Затоа изречи пророштво и кажи им – вака вели Господ Бог: »Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши и ќе ве воведам во земјата Израилева.
13 И ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши.
14 Ќе вдахнам во вас од Мојот дух и ќе оживеете, ќе ве населам во вашата земја, па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков тоа, и го извршив, вели Господ.«
15 И би слово Господово до мене:
16 »Ти, сине човечки, земи жезал и напиши на него: ‚на Јуда и на синовите Израилеви, неговите сојузници‘, и пак земи друг жезал и напиши на него: ‚на Јосифа‘. Тоа е жезалот на Ефрема и на сиот Израилев дом, негов сојузник.
17 И соедини ги во себе еден со друг во еден жезал, така што во раката да бидат едно.
18 А кога те прашаат синовите на твојот народ: ‚нема ли да ни објасниш, што значи тоа?‘
19 тогаш речи им – така вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе го земам Јосифовиот жезал, кој е во раката на Ефрема и на неговите сојузници, Израилевите колена, и ќе ги додадам кон него, кон жезалот на Јуда, и ќе го направам еден жезал, и тие ќе бидат едно во Мојата рака.‘
20 Кога, пак, двата жезла, на кои ќе напишеш, ќе бидат во твојата рака пред очите нивни,
21 тогаш кажи им – вака вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе ги земам синовите Израилеви меѓу народите, помеѓу оние, кај кои се наоѓаат, ќе ги соберам сите и ќе ги доведам во нивната земја.
22 Во таа земја по планините Израилеви Јас ќе ги направам еден народ и еден цар ќе биде цар над сите нив и нема да има повеќе два народа, и нема повеќе да се делат на две царства.
23 И нема веќе да се осквернуваат со своите идоли, со своите гадотии и со разни свои пороци; ќе ги извлечам од сите нивни живеалишта, каде што грешеле, и ќе ги очистам, – и ќе бидат Мој народ и Јас ќе бидам нивни Бог.
24 А слугата Мој Давид ќе биде Цар над нив и Пастир на сите нив; тие ќе одат по Моите заповеди и уредбите Мои ќе ги пазат, и ќе ги исполнуваат.
25 Тие ќе живеат во земјата, која му ја дадов на мојот слуга Јакова, во која живееја татковците нивни; таму ќе живеат вечно, тие и децата нивни и внуците нивни; а Мојот слуга Давид ќе биде кнез при нив засекогаш.
26 Ќе склучам со нив завет за мир, вечен ќе биде заветот со нив. И ќе ги средам, ќе ги размножам и ќе го поставам меѓу нив Моето светилиште засекогаш.
27 И при нив ќе биде Моето живеалиште, па ќе бидат нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ.
28 И ќе познаат народите, дека Јас сум Господ, Кој го осветува Израилот кога Моето светилиште ќе биде помеѓу нив засекогаш.‘«