Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Ezekiel 3

:
Macedonian - 1990
1 И ми рече: »Сине човечки, изеди го тоа што е пред тебе, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот.«
2 Тогаш ја отворив устата и Он ми го даде свитокот за да го изедам.
3 Потоа ми рече: »Сине човечки: устата твоја ќе го изеде овој свиток и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти го давам Јас.« И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед.
4 И пак ми рече: »Сине човечки, стани и појди во домот Израилев и кажи им ги Моиве зборови,
5 оти те праќам не кај народ непознат и со неразбирлив јазик, туку во домот Израилев,
6 не кај народ со неразбран збор и непоимлив јазик, чии зборови не можеш да ги разбереш; но дури и при нив да бев те пратил, и тие ќе те разбереа;
7 а домот Израилев не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да ме слушаат, бидејќи сиот дом Израилев е тврдоглав и со жестоко срце.
8 И, ете, Јас го направив и твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив.
9 Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот; не бој се од нив и не плаши се од нивното лице, оти тие се дом отстапнички.«
10 И ми рече: »Сине човечки, сите зборови Мои што ти ги кажувам, прими ги во срцето свое и слушај ги со ушите свои;
11 стани, па оди при изгонетите, при синовите на твојот народ, зборувај им и кажи им вака вели Господ Бог па послушале тие, или не.«
12 И Духот ме подигна; а зад себе чув голем грмотевичен глас: »Благословена е славата на Господа од местото Негово!«
13 А слушнав и шум од крилјата на оние животни, што се допираа едно до друго, како и шум од тркалата од нив, а и звук од силен гром.
14 Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И појдов огорчен, со нажален дух; но крепката рака Господова беше над мене.
15 И дојдов при робовите во Тел Авив, при оние кои живееја при реката Ховар, и се задржав таму и поминав при нив седум дена, чудејќи се.
16 А кога заминаа седумте дена, дојде до мене слово Господово:
17 »Сине човечки, Јас те поставив како стража над домот Израилев, и ти ќе го слушаш словото од устата Моја, и ќе ги вразумуваш од името Мое.
18 Кога ќе му речам на беззаконикот: ‚Бездруго ќе умреш!‘, а ти не го вразумиш и не зборуваш, за да го запазиш беззаконикот од неговиот грешен пат, за да биде жив, тогаш тој беззаконик ќе умре во беззаконието свое, но крвта негова Јас ќе ја барам од рацете твои.
19 А, ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја.
20 И, ако праведник отстапи од правдата своја и постапи грешнички, кога Јас ќе му ставам сопка, и умре, ако не си го предупредил, тој ќе умре поради гревот свој, и нема да му се примаат парведните дела, што ги направил; но крвта негова ќе ја барам од твоите раце.
21 Ако го опоменеш праведникот, за да не згреши, и тој не згреши, тогаш и тој ќе биде жив, затоа што си го предупредил и ти ќе си ја спасиш душата своја.«
22 И беше таму врз мене пак раката Господова, и Он ми рече: »Стани и излези во полето; Јас ќе зборувам таму со тебе.«
23 Станав, и излегов во полето, и ете, таму беше славата Господова, како славата, што ја видов при реката Ховар; и паднав ничкум.
24 И влезе во мене Духот и ме исправи на нозе, и Он говореше со мене и ми рече: »Оди и затвори се во домот твој.
25 Сине човечки, ете, ќе ти стават вериги, и ќе те врзат во нив, и не ќе можеш да излегуваш меѓу нив.
26 А јас ќе ти го залепам јазикот твој за непцето, и ти ќе онемееш, и не ќе можеш да ги изобличуваш, зашто тие се дом отстапнички.
27 А кога Јас ќе зборувам со тебе, тогаш ќе ти ја отворам устата твоја и ти ќе им зборуваш: вака вели Господ Бог! Кој сака да слуша, нека слуша; а кој не сака да слуша нека не слуша; оти тие се дом отстапнички.«