Exodus 3
1 Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив,
2 И му се јави Ангел Господеов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува.
3 И Мојсеј рече: »Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.«
4 А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: »Мојсеј, Мојсеј!« А тој одговори: »Еве ме, Господи!«
5 И Он рече: »Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.«
6 И му рече: »Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.« А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога.
7 И Господ му рече на Мојсеја: »Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од злото, што му го прават надзорниците. Сега ја знам маката негова.
8 Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во крајот на Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Гергесејците и Јевусејците.
9 И еве, сега викотот на синовите Израилеви стигна веќе до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египтјаните.
10 А сега појди – Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви.«
11 Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: »Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?«
12 Му рече Бог на Мојсеја, велејќи: »Ќе бидам со тебе, и ова нека ти биде знак, дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот Мој од Египет, помолете Му се на Бога на оваа планина.«
13 А Мојсеј Му рече на Бога: »Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?«
14 Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: »Јас сим Оној, Кој вечно постои!« Па продолжи: »Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘«
15 И пак му рече Бог на Мојсеја: »Вака кажи им на синовите Израилеви: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘
16 Оди и собери ги старешините Израилеви, и кажи им: ‚Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, и ми рече: »Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.«
17 И реков уште: »Ќе ве изведам од маките египетски во земјата Хананска, и Хетејска, и Аморејска, и Ферезејска, и Евејска, и Јевусејска, во земја каде што тече мед и млеко!«‘
18 И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и старешините Израилеви кај Фараонот, царот египетски, и ќе му речеш: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ повика да појдеме на три дена пат во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог.‘
19 А Јас знам дека Фараонот, царот египетски, нема да ви дозволи да излезете без силна рака.
20 Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе ги поразам Египтјаните со сите Мои чудеса, што ќе ги направам меѓе нив; потоа ќе ве пушти.
21 И ќе му дадам милост на овој народ кај Египтјаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете празни.
22 Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од пријателката своја сребрен и златен накит и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе ги плените Египтјанките.«