Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 2

:
Macedonian - 1990
1 Еден човек од племето Левиево отиде и се ожени со една од ќерките Левиеви.
2 Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци.
3 Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката.
4 А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него.
5 Ќерката, пак, Фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе.
6 А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: »Ова е еврејско дете.«
7 Тогаш сестрата негова ѝ рече на ќерката Фараонова: »Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?«
8 А ќерката Фараонова ѝ рече: »Оди!« И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето.
9 Ќерката Фараонова ѝ рече: »Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.« И го зеде жената детето и го доеше.
10 А кога детето порасна, го одведе кај ќерката Фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи, »оти од вода го извадив.«
11 По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин еден од браќата негови.
12 Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта.
13 Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: »Зошто го биеш ближниот свој?«
14 А тој одговори: »Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот?« Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: »Значи, се разбрало за ова?«
15 И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го погуби Мојсеја. Но Мојсеј избега од Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор.
16 А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на таткото свој Јотор.
17 Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото.
18 И тие се вратија кај таткото свој Јотор, а тој ги праша: »Како толку бргу се вративте денес?«
19 Тие одговорија: »Еден Египтјанин нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците наши.«
20 А тој им рече на ќерките свои: »Па, каде е? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде леб!«
21 И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора.
22 И таа зачна и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, »бидејќи сум рече придојден во туѓа земја.« И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: »Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.«
23 А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога.
24 И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова.
25 И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив.