Ephesians 2
1 И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,
2 во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието,
3 меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот, –
4 но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нѐ засака,
5 иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживе со Христа
6 и нѐ воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса,
7 за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса,
8 зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е;
9 не е од дела, да не би некој да се пофали.
10 Оти ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме.
11 Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте иноверци, и наречени необрезани од така наречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце,
12 дека во она време бевте без Христа, отстранети од општеството на Израилот, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот;
13 но сега, во Христа Исуса, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова.
14 Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив,
15 откако со плотта Своја го уништи непријателството, а со учењето Свое – Законот на заповедите го обессили, за да создаде во Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир,
16 и во едно тело да ги помири обата народа со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството.
17 И, откако дојде, Он ви благовести мир, на вас далечни и блиски,
18 зашто преку Него и едните и другите имаме пристап при Отецот, во еден Дух.
19 И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога,
20 оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос,
21 врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа;
22 врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиштето Божјо преку Духот.