Colossians 3
1 И така, ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога:
2 мислете за небесното, а не за земното.
3 Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога.
4 А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.
5 Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!
6 Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста,
7 меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци.
8 А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!
9 Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела,
10 и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател,
11 каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос.
12 И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;
13 трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!
14 А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството,
15 и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!
16 Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши!
17 И сѐ што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!
18 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа!
19 Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!
20 Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!
21 Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!
22 Вие, робовите, во сѐ бидете им послушни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како да им угодувате на луѓе, туку во простотата на срцето, боејќи се од Бога!
23 И сѐ, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе,
24 знаејќи дека како награда ќе добиете од Господа наследство, бидејќи на Господа Христа Му служите.
25 А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да се гледа кој е кој.