Colossians 4
1 Вие, господарите, спрема робовите свои бидете справедливи и давајте им го она што е правично, кога знаете дека и вие имате Господар на небесата!
2 Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност!
3 Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,
4 та да ја откријам, како што треба да зборувам!
5 Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!
6 Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!
7 Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и сотрудник во Господа,
8 кого нарочно поради тоа го испратив при вас, за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши,
9 заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде.
10 Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде при вас, примете го.
11 Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха.
12 Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исуса Христа, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја.
13 Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Ерапол.
14 Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас.
15 Поздравете ги браќата во Лаодикија, и Нимфана, и неговата домашна црква!
16 Откако ова послание се прочита при вас, направете да се прочита и во Лаодикијската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.
17 Кажете му на Архип: »Гледај ја службата, што си ја примил во Господа, да ја извршуваш!«
18 Своерачен поздрав од мене, Павла. Помнете ги оковите мои! Благодат меѓу сите вас. Амин!