Colossians 1
1 Од Павла, по волјата Божја апостол на Исуса Христа, и братот Тимотеј,
2 до светиите и верните браќа во Исуса Христа што се во Колоси: благодат на вас и мир од Бога нашиот Отец и Господа Христа!
3 Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас,
4 бидејќи чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии,
5 поради надеж на она што ви е определено на небесата, за кое порано чувте од вистинското слово на Благовестието,
6 кое што е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден, кога ја чувте и познавте вистински Божјата благодат.
7 Како што и узнавте од Епафрас, нашиот возљубен сотрудник, кој е верен слуга Христов заради вас,
8 и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот.
9 Затоа и ние од оној ден, кога го чувме тоа, не престануваме да се молиме и да сакаме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање,
10 та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познавањето на Бога,
11 укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост,
12 благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината;
13 нѐ избави од власта на темнината и нѐ доведе во царството на Својот возљубен Син,
14 во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите,
15 и Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар;
16 бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено.
17 Он е пред сѐ, и сѐ преку Него се држи.
18 И Он е глава на телото, односно на Црквата; Он е почеток, првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сѐ.
19 Бидејќи во Него благоволи Отецот да има секаква полнота,
20 и преку Него да измири сѐ со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.
21 И вас, кои некогаш бевте отстранети од Бога, и Негови непријатели поради помислите кон лоши дела,
22 сега ве примири во телото на Неговата плот, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина,
23 само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи во надежта на Евангелието, што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга.
24 Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во мојата плот за телото Негово, кое е Црквата.
25 Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо,
26 тајната, сокриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии,
27 на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас,
28 Него ние Го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги на секоја мудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Христа Исуса;
29 затоа и се трудам и молам според Неговата сила, која моќно дејствува во мене.