Acts 9
1 А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде при првосвештеникот,
2 и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.
3 Но, кога беше на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,
4 и, откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: »Савле, Савле, зошто Ме гониш?«
5 А тој одговори: »Кој си Ти, Господине?« А Господ му рече: »Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.«
6 Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: »Господи, што сакаш да направам?« А Господ му рече: »Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!«
7 А луѓето, што одеа со него, стоеја зачудени, оти слушаа глас, а никого не гледаа.
8 Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, никого не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.
9 И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи.
10 Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананиј, кому во видение Господ му рече: »Ананиј!« А тој одговори: »Еве ме Господи!«
11 Тогаш Господ му рече: »Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли.«
12 И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа.
13 А Ананиј одговори: »Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите твои во Ерусалим;
14 а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое.«
15 Но Господ му рече: »Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.
16 И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое.«
17 И Ананиј отиде и влезе во куќата, и, откако ги положи рацете свои над него, рече: »Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.«
18 И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и, кога стана, се покрсти.
19 А штом прими храна, Савле се поткрепи и неколку дена преседе со учениците што беа во Дамаск;
20 и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исуса, дека е Он Син Божји.
21 И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: »Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?«
22 А Савле се засилуваше сѐ повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.
23 А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат.
24 Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат.
25 Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид.
26 А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик.
27 Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа како тој патем Го видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса.
28 И беше со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и отворено проповедаше во името на Господа Исуса.
29 А зборуваше и се препираше исто така и со Елините; а и тие се обидуваа да го убијат.
30 Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Ќесарија и го препратија во Тарс.
31 А црквите во цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во страв Господов; и со утеха на Светиот Дух се умножуваа.
32 Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида.
33 Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен.
34 И Петар му рече: »Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!« И тој стана веднаш.
35 И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.
36 Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.
37 И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.
38 А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу.
39 Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив.
40 Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: »Тавита, стани!« И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна.
41 А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива.
42 И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа.
43 И реши тој да остане во Јопија многу денови при некој си Симон кожарот.