Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 10

:
Macedonian - 1990
1 Во Ќесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од полкот наречен Италиски;
2 маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом; и даваше милостина на многу луѓе и секогаш Му се молеше на Бога.
3 Околу деветтиот час од денот, тој виде најаве како му се прикажа ангел Божји, кој влезе при него и му рече: »Корнилиј!«
4 А тој се вгледа во него и уплашен рече: »Што, Господи?« Тој му рече: »Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои.
5 И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар.
6 Тој е таму кај некој си Симон кожарот, чија куќа се наоѓа покрај морето; тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.«
7 Откако си отиде ангелот, што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа при него;
8 па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија.
9 На другиот ден, кога тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата, да се помоли.
10 И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,
11 и го виде небото отворено и некаков сад да слегува кон него, како некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата,
12 во кое ги имаше сите четвороножни животни, ѕверови, лазачи и птици небески.
13 И се чу глас кон него: »Петре, стани, заколи и јади!«
14 А Петар рече: »Никако, Господи, оти никогаш не сум јал погано или нечисто.«
15 И повторно се чу глас кон него: »Она, што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!«
16 Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.
17 И додека Петар беше во недоумение, што значи тоа видение, што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои, откако се распрашуваа и го најдоа домот на Симона, застанаа пред портата.
18 И, откако повикаа, прашаа: »Овде ли гостува Симон, наречен Петар?«
19 И дури Петар размислуваше за видението, Духот му рече: »Ете, те бараат три човека.
20 Туку стани, слегни и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!«
21 Штом слегна при луѓето, испратени од Корнилиј при него, Петар рече: »Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дошле?«
22 А тие му одговорија: »Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу јудејскиот народ, прими заповед од светиот ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.«
23 Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; и некои од јописките браќа заминаа со него.
24 На вториот ден тие влегоа во Ќесарија. А Корнилиј ги чекаше, откако ги беше повикал роднините свои и пријателите блиски.
25 Кога Петар влегуваше, Корнилиј го пресретна, падна пред нозете негови и му се поклони.
26 А Петар го подигна и му рече: »Стани и јас сум човек.«
27 И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани.
28 И им рече: »Вие знаете дека не му прилега на човек Јудеец да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го наречувам поган или нечист.
29 Затоа, а и бидејќи поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам за што пративте по мене?«
30 И Корнилиј одговори: »Пред четири дена до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом; и одеднаш, пред мене застана човек во светла облека,
31 и ми рече: ‚Корнилиј, твојата молитва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна.
32 Затоа прати во Јопија и повикај го Симона, наречен Петар; тој се наоѓа сега кај Симона кожарот, покрај морето; тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘
33 И веднаш пратив по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да чуеме сѐ што ти е од Бога заповедано.«
34 Тогаш Петар ја отвори устата и рече: »Навистина признавам дека Бог не гледа на лице;
35 туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е.
36 Он им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исуса Христа, Кој им е Господ на сите.
37 Вие знаете за сето она што се изврши по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето, што го проповедаше Јован:
38 како Го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет, и како Он одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39 И ние сме сведоци за сѐ, што направи Он во земјата Јудејска и во Ерусалим. Како Го убија, распнувајќи Го на дрво.
40 Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појавува,
41 но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите.
42 И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме, дека Он е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.
43 Сите пророци сведочат за тоа, дека секој, што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име.«
44 Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото.
45 А обрезаните верници, што беа дошле со Петра, се зачудија дека и над незнабошците се излеа дарот на Светиот Дух,
46 зашто ги слушаа да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога. Тогаш Петар рече:
47 Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние, кои Го примија Духот Свети како ние?
48 И им заповеда да се крстат во името на Исуса Христа. Потоа тие го замолија да остане при нив неколку дена.