Bible

Say Goodbye

To Clunky Software & Sunday Tech Stress!

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 11

:
Macedonian - 1990
1 Апостолите и браќата, кои беа во Јудеја, чуја дека и незнабошците го примиле словото Божјо.
2 И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните, што беа со него го укорија,
3 велејќи: »Ти си бил при необрезаните луѓе и си јал со нив.«
4 А Петар почна да им расправа за сѐ по ред, велејќи:
5 »Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, се занесов и ете видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и пријде дури до мене.
6 Откако погледав во него и го разгледав, видов четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи, и птици небески.
7 И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани, Петре, заколи и јади!‘
8 Јас пак реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘
9 А гласот од небесата повторно проговори и рече: ‚Она, што Бог го очистил, ти не го погани!‘
10 Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото.
11 И ете, во тој час, пред куќата, во која живеев јас, застанаа три човека, испратени при мене од Ќесарија.
12 А Духот ми рече да појдам со нив, не двоумејќи се. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек.
13 Тој ни кажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симона, наречен Петар.
14 Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.‘
15 И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот.
16 Тогаш се сетив на зборовите Господови, како што зборуваше: ‚Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.‘
17 Кога, пак, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господа Исуса Христа, тогаш кој сум јас да Му се воспротивам на Бога.«
18 Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: »Значи, и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.«
19 А оние, што се беа распрснале поради гонењето заради убиството на Стефана, стигнаа дури до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи го словото никому освен на Јудејците.
20 А некои од нив Кипрани и Киринејци, штом влегоа во Антиохија, им зборуваа на Елините, проповедајќи им го Евангелието на Господа Исуса.
21 И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обрнаа кон Господа.
22 И дојде слух за нив до ушите на црквата ерусалимска; и го испратија Варнава да отиде во Антиохија.
23 А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и со искрено срце ги молеше да пребиваат во Господа;
24 оти тој беше човек добар и исполнет со Дух Свети и вера. И многу народ се присоедини кон Господа.
25 Тогаш, пак, Варнава отиде во Тарс да го бара Савла; и откако го најде, го доведе во Антиохија.
26 И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа многу народ; и најнапред во Антиохија ги нарекоа учениците христијани.
27 А во тие дни слегнаа од Ерусалим во Антиохија и пророци.
28 И еден од нив, по име Агав, пророче преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад; а таков и настана во времето на ќесарот Клаудиј.
29 Тогаш учениците решија, секој, со што располагаше, да испрати помош на браќата, што живееја во Јудеја;
30 и тоа го направија, откако го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савла.