Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 8

:
Macedonian - 1990
1 Савле, пак, го одобруваше убиството негово. Во тој ден стана големо гонење против Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по краиштата на Јудеја и Самарија.
2 А Стефана го погребаа побожни луѓе и многу го оплакуваа.
3 Савле, меѓутоа, ѝ пакостеше на Црквата, оти одеше по куќите и извлекуваше луѓе и жени, па ги предаваше во затвор.
4 Оние, пак, што се беа распрснале, одеа проповедајќи го словото.
5 А Филип слезе во еден самариски град и таму им благовестеше за Христа.
6 Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги вршеше тој;
7 оти со голем вик излегуваа нечисти духови од оние, во кои се наоѓаа, и мнозина фатени и хроми оздравуваа.
8 И голема радост се јави во тој град.
9 А во градот имаше еден човек по име Симон, кој пред тоа правеше магии и со тоа го доведуваше во чудо народот на Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек.
10 Него го слушаа сите, и мало и големо, и велеа: »Тој е голема сила Божја.«
11 А го слушаа затоа, оти доста време ги беше восхитувал со своите магии.
12 Но кога му поверуваа на Филипа, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исуса Христа, се крштаваа мажи и жени.
13 Тогаш поверува и самиот Симон, и, откако се крсти, остана при Филипа; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.
14 Кога чуја апостолите, што беа во Ерусалим, дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петра и Јована,
15 кои, штом слегоа, се помолија за нив за да Го примат Духот Свети.
16 Оти уште ниту на еден од нив не беше слегол Он, а само беа крстени во името на Господа Исуса.
17 Тогаш полагаа над нив раце и тие Го примаа Духот Свети.
18 А Симон, кога чу дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19 и им рече: »Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!«
20 Но Петар му рече: »Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари.
21 Ти немаш дел ниту учест во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22 Туку покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое ако е можно;
23 бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда.«
24 А Симон одговори: »Помолете Му се за мене на Господа вие, та да не ме постигне ништо од она што рековте.«
25 И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го Евангелието во многу села самариски.
26 А на Филипа му рече ангел Господов: »Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.«
27 Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога,
28 а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29 Духот, пак, му рече на Филипа: »Приближи се и застани до колата!«
30 Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: »Го разбираш ли тоа, што го читаш?«
31 Овој одговори: »Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?« Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него.
32 А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: »Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори.
33 Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата.«
34 Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: »Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?«
35 А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа Писмо и да му благовести за Исуса.
36 И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: »Еве вода! Што ми пречи да се крстам?«
37 А Филип му рече: »Ако веруваш од сѐ срце можеш.« Тој одговори и рече: »Верувам дека Исус Христос е Син Божји.«
38 И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.
39 А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.
40 Филип се најде во Азот, од каде што тргна, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Ќесарија.