Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 7

:
Macedonian - 1990
1 Тогаш првосвештеникот рече: »Така ли е тоа?«
2 А тој одговори: »Луѓе, браќа и оци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраама, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан,
3 и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам.‘
4 Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега.
5 И во неа не му даде наследство ни стапка, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во држење, додека уште немаше пород.
6 И му рече Бог вака: ‚Потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.
7 Но Јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат, и ќе Ми служат на ова место.‘
8 И му го даде Заветот за обрезание во осмиот ден. Потоа тој го роди Исака и го обреза; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси.
9 Патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет; но Бог беше со него,
10 и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред Фараонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом.
11 Тогаш настана глад и голема мака по целата земја Египетска и Хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна.
12 А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати најнапред татковците наши.
13 И кога отидоа по вторпат, Јосиф му се откри на брата си, и Јосифовиот род му стана познат и на Фараонот.
14 Тогаш Јосиф прати, та го повика татка си Јакова и сиот свој род седумдесет и пет души.
15 И Јаков слезе во Египет, и умре таму тој и татковците наши;
16 и ги пренесоа во Сихем, и ги положија во гробот, што го беше купил Авраам со сребро од Емора во Сихем.
17 И кога се приближи времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраама, израснаа луѓето и се намножија,
18 додека во Египет дојде друг цар, кој не го познаваше Јосифа.
19 Тој лукаво постапи со нашиот народ, ги мачеше татковците наши, присилувајќи ги децата свои да ги фрлаат за да не останат живи.
20 Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.
21 А кога беше фрлен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.
22 И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.
23 А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.
24 И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот.
25 Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа.
26 А на другиот ден, кога некои од нив се биеја, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате помеѓу себе?‘
27 Но оној, што го навредуваше својот ближен, го одби од себеси и му рече: ‚Кој те поставил началник и судија над нас?
28 Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?‘
29 Од тие зборови Мојсеј побегна и стана придојден во земјата Мадијамска, каде што му се родија два сина.
30 И кога се навршија четириесет години, во пустината на планината Синајска му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина.
31 Мојсеј, кога виде, се зачуди на тоа видение; и кога се приближи да разбере, пристигна до него гласот Господов:
32 ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33 А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!
34 Јас ги видов добро маките на Својот народ што е во Египет, и ја чув неговата издишка; па слегнав да го избавам; а сега пријди да те испратам во Египет!‘
35 Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.
36 Тој ги изведе, откако правеше чудеса и знаци во земјата Египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.
37 Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте Го.‘
38 Тоа е оној што во црквата во пустината на планината Синајска беше со ангелот, кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими живи зборови нам да ни ги предаде,
39 и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет,
40 откако му рекоа на Арона: ‚Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нѐ изведе од Египетската земја.‘
41 И во оние дни направија теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.
42 А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израилев, Ми принесовте ли вие заколенија и жртви во текот на четириесетте години во пустината?
43 Вие ја примивте скинијата на Молоха и ѕвездата на вашиот бог Ремфана, образи што ги направивте вие, за да им се клањате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘
44 Скинијата на сведоштвото на нашите татковци им беше во пустината, како што беше заповедал Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да ја направи според образецот, што го беше видел.
45 Неа татковците наши ја примија и со Исуса Навина ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа стануваше сѐ до деновите на Давида,
46 кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бога Јаковов.
47 А Соломон Му изгради дом.
48 Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:
49 ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка?
50 Не го направи ли сето тоа Мојата рака?‘
51 Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух како татковците ваши, така и вие.
52 Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние, што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,
53 вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.«
54 Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него.
55 А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога,
56 и рече: »Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.«
57 Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него.
58 И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле;
59 и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: »Господи Исусе, прими го духот мој!«
60 А штом падна на колена, извика со висок глас: »Господи, не примај им го ова за грев!« И како го рече тоа, тој почина.