Acts 6
1 Кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици.
2 Тогаш дванаесетте, штом го свикаа целото мноштво ученици, рекоа: »Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите.
3 Затоа, браќа, изберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба;
4 а ние постојано ќе пребиваме во молитва и служба на словото.«
5 Овој предлог му се свиде на сиот народ; па ги избра: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја, придојден, од Антиохија;
6 нив ги претставија пред апостолите, а овие, штом се помолија, ги положија рацете над нив.
7 И така, словото Божјо растеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мнозинство на свештеници се покоруваа пред верата.
8 А Стефан, исполнет со вера и сила, вршеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.
9 Тогаш станаа некои од синагогата, наречена синагога на Либертинците, и од синагогата на Киринејците и од Александријците, како и оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се препираат со Стефана;
10 но не можеа да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборуваше.
11 Затоа подучија некои луѓе да речат: »Го чувме да хули на Мојсеја и на Бога.«
12 И го побунија народот, старешините и книжниците и, откако го нападнаа, го фатија и го одведоа во Синедрионот.
13 И претставија лажни сведоци, кои рекоа: »Овој човек не престанува да хули на ова свето место и на Законот,
14 оти го чувме како зборува: ‚Овој Исус Назареец ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите, што ни ги предаде Мојсеј.‘«
15 И сите што беа во Синедрионот, се вгледаа во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел.