Acts 5
1 А еден човек, по име Ананија, со својата жена Сапфира, ја продаде нивата
2 и еден дел од добиените пари сокри, а со знаење на жена си, додека другиот дел го донесе и го кладе пред нозете на апостолите.
3 Но Петар рече: »Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата?
4 Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излага луѓе, туку Бога!«
5 Кога ги чу Ананија тие зборови, падна и издивна; и голем страв ги обзеде сите што го чуја тоа.
6 Станаа момчињата, го зедоа, го изнесоа и го погребаа.
7 А кога поминаа околу три часа, влезе и жената негова, не знаејќи што станало.
8 И Петар ја праша: »Кажи ми, за толку пари ли ја продадовте нивата?« Таа одговори: »Да, за толку.«
9 Петар потоа ѝ рече: »Зошто сте се договориле да Го искушате Духот на Господа? Ете, пред вратата се нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.«
10 И таа веднаш падна пред нозете негови и издивна. А момчињата, кога влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж.
11 И голем страв ја опфати целата Црква и сите оние што го чуја тоа.
12 А преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и стануваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов.
13 Но од другите, пак, никој не смееше да се допре до нив; а народот ги величаше.
14 И сѐ повеќе се зголемуваа оние, што веруваа во Господа, мноштво луѓе и жени,
15 така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив.
16 А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.
17 Тогаш првосвештеникот и сите, што беа со него, припадници на садукејската ерес, станаа и се исполнија со завист,
18 и ги кладоа рацете свои на апостолите и ги фрлија во општиот затвор.
19 Но, преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изведе, им рече:
20 Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот!
21 Штом го чуја тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и поучуваа. А првосвештеникот и оние што беа со него, кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија во затворот луѓе да ги доведат апостолите.
22 Но, кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија,
23 велејќи: »Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата да стои надвор пред портата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.«
24 Штом ги чуја овие зборови, првосвештеникот и старешината на црквата и другите црковни старешини се најдоа во недоумение, што треба ова да значи.
25 Но некој дојде, ги извести и им рече: »Ене, луѓето, што ги затворивте, стојат во црквата и го поучуваваат народот.«
26 Тогаш управникот отиде со слугите и ги доведе, не на сила; зашто се боеја народот со камења да не ги убие нив самите.
27 А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, прашувајќи ги, рече:
28 Зарем не ви забранивме строго да не проповедате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас.
29 А Петар и апостолите одговорија и рекоа: »Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.
30 Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво.
31 Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Началникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израилот.
32 За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, што Му се покоруваат.«
33 Кога го чуја то, тие се разлутија и мислеа да ги убијат.
34 Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор,
35 а ним им рече: »Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе!
36 Зашто, пред извесно време се беше јавил Тевда, кој зборуваше за себеси, дека е тој нешто и се присоединија кон него околу четиристотини души; тој беше убиен, и сите, што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа.
37 По него, во време на пребројувањето, се јави Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите, што го последуваа, се растурија.
38 И сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши;
39 а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!«
40 Тие го послушаа; и откако ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово, па ги пуштија.
41 А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса.
42 И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа.