Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 4

:
Macedonian - 1990
1 А кога тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свештениците, старешината на храмот и садукеите,
2 јадосувајќи се оти тие го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во името на Исуса Христа;
3 и кладоа рака на нив и ги задржаа под стража до утрината; зашто се беше веќе свечерило.
4 А мнозина од оние, што го слушаа словото, им поверуваа; бројот на луѓето достигна до пет илјади.
5 Утрината се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците,
6 првосвештеникот Ана и Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот свештенички;
7 и, откако ги поставија во средината, ги прашаа: »Со каква сила и во чие име го направивте ова?«
8 Тогаш Петар, откако се исполни со Дух Свети, им рече: »Началници народни и старешини израилски,
9 ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој исцелен,
10 тоа нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, овој стои пред вас здрав.
11 Овој камен, што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение;
12 зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме.«
13 А кога ја видоа смелоста на Петра и Јована, и сфаќајќи дека се тоа луѓе неучени и прости, тие само се восхитуваа; а знаеја, пак, дека и тие беа со Исуса.
14 Но, гледајќи го исцелениот човек како стои со нив, тие немаа што да возразат.
15 И, откако им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, се посоветуваа, па се прашаа еден со друг,
16 велејќи: »Што да правиме со овие луѓе? Оти големото чудо што стана преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме.
17 Но, за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не му зборуваат веќе за тоа име на ниеден човек.«
18 И, кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исуса.
19 Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: »Судете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бога;
20 зашто ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле.«
21 А тие, откако ги заплашија, ги пуштија, бидејќи не најдоа ништо за да ги мачат, поради народот; оти сите Го прославуваа Бога за она што беше станало.
22 Човекот, пак, над кого се изврши тоа чудо и исцеление, имаше повеќе од четириесет години.
23 И кога ги пуштија, тие отидоа при своите и им кажаа што им рекоа првосвештениците и старешините.
24 А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: »Владико, Ти си Бог, Кој го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив;
25 Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давида, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто се бунат народите и луѓето измислуваат празни работи?
26 Се дигнаа царевите земски, и кнезовите се собраа заедно против Господа, и против Неговиот Помазаник.‘
27 И навистина, се собраа во тој град против Твојот Свет Син Исуса, Кого си Го помазал Ти Ирод и Понтиј Пилат со незнабошците и со народот израилски,
28 за да го направат она, што го беше определила однапред раката Твоја и советот Твој да се збидне.
29 И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово,
30 полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да стануваат чудеса и знаци во името на Твојот Свет Син Исуса.«
31 И откако се помолија, се затресе местото, каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо.
32 А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сѐ им беше заедничко.
33 Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив.
34 Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа,
35 и ги клаваа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби.
36 Така Јосија, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, левит, родум од Кипар,
37 кој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите.