Acts 25
1 А Фест, откако по три дена прими власт, излезе од Ќесарија и дојде во Ерусалим.
2 Тогаш првосвештеникот и старешините јудејски му се пожалија против Павла, и го молеа,
3 барајќи милост за себе против него, да го прати во Ерусалим; и редеа заседа за да го убијат патем.
4 Но Фест одговори дека Павле се чува под стража во Ќесарија, а и дека тој сам скоро ќе отпатува таму.
5 Кои, пак, од вас можат, нека дојдат со мене, и ако има некаква вина на овој човек, тогаш нека го обвинат.
6 И откако беше кај нив, не повеќе од десет дена, слезе во Ќесарија, и утредента седна на судискиот стол и заповеда да го доведат Павла.
7 А кога го доведоа, Јудејците што беа дошле од Ерусалим, застанаа наоколу, и многу и тешки вини изнесуваа против Павла, кои не можеа да ги докажат.
8 А тој, бранејќи се, рече: »Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот.«
9 Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: »Сакаш ли да одиш горе во Ерусалим и таму да ти се суди за тоа од мене?«
10 А Павле одговори: »Стојам пред ќесаревиот суд, каде што и треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш.
11 Оти, ако сум виновен и сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам; но, ако од сето тоа нема ништо, во што ме обвинуваат тие, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Ќесарев суд сакам.«
12 Тогаш Фест, откако се посоветува со свештениците, одговори: »Кај ќесарот, – рече, – сакаш да појдеш – кај ќесарот ќе појдеш.«
13 А откако минаа неколку дена, царот Агрипа и Верникиј слегна во Ќесарија за да го поздрават Феста.
14 И бидејќи таму останаа повеќе денови, Фест му рече на царот за Павла, велејќи: »Еден човек остави Феликс во затворот.
15 Кога бев во Ерусалим, за него излегоа првосвештениците и старешините јудејски и ме молеа да го осудам.
16 Јас им одговорив дека кај Римјаните не е вообичаено човек да се осудува на смрт пред обвинетиот да се соочи со обвинителите и му се позволи да се брани од обвинувањето.
17 И кога се собраа овде, на другиот ден, без никакво одлагање јас седнав на судискиот стол и заповедав да го доведат човекот;
18 и кога застанаа околу него обвинителите, не изнесоа никаква вина против него, како што претполагав;
19 туку против него имаа некакви препирки по прашањето за нивното суеверје и за некој си Исус, Кој умрел и за Кого Павле вели дека е жив.
20 А јас, не знаејќи што да правам со овој, му реков: сака ли тој да оди во Ерусалим и таму да биде суден за тоа?
21 Но, бидејќи Павле посака да биде оставен за Августовото судење, заповедав да го држат под стража, додека го пратам при ќесарот.«
22 Тогаш Агрипа му рече на Фест: »Би сакал и јас да го ислушам тој човек.« А тој одговори: »Утре ќе го ислушаш.«
23 Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата заедно со војводите и првите граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павла.
24 И Фест рече: »Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа при мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да живее.
25 Но јас, кога разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам посака суд пред Августа, решив да го пратам при него.
26 За него, пак, немав поправо што да му напишам на Господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напишам.
27 Оти, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.«