Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Acts 24

:
Macedonian - 1990
1 По пет дена слегна првосвештеникот Ананија со старешините и со некој си ретор Тертил; излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павла.
2 А кога го повикаа Павла, Тертил почна да го обвинува, велејќи:
3 Секогаш и насекаде со голема благодарност признаваме дека преку тебе, многупочитувани Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои на овој народ му се дели вистинска правда.
4 Но, за да не ти одземам многу време, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата кроткост.
5 Бидејќи најдовме дека овој човек е зараза и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е водач на назарејската ерес,
6 кој се обиде дури и храмот да го оскверни, затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон;
7 но заповедникот Лисиј дојде и со голема сила го истргна од рацете наши, и го испрати при тебе,
8 откако заповеда и ние, неговите обвинители, да дојдеме при тебе. Ти ќе можеш сам да го испиташ и од него да узнаеш во што го обвинуваме ние.
9 А и Јудејците потврдуваа дека е така.
10 Намесникот му даде знак на Павла да зборува, а тој одговори: »Бидејќи знам дека од многу години си му судија на овој народ, тоа со послободно срце ќе зборувам во моја заштита.
11 Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се искачив во Ерусалим на поклонение.
12 И ни во храмот ме најдоа некому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по зборниците, ниту, пак, во градот.
13 Ниту, пак, тие можат да го докажат она што сега ти зборуваат за мене.
14 Но ти признавам, дека според учењето, кое тие го наречуваат ерес, Му служам на Бога и на отците наши, дека верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците,
15 и дека се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат.
16 А за тоа и сам се грижам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето.
17 По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и приноси.
18 Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, ни со народ, ниту со шум,
19 некои азиски Јудејци, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене.
20 Или, пак, тие сами да кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога се бев јавил пред Синедрионот,
21 освен само овие зборови, кои, застанат пред нив, гласно ги изговорив: ‚Заради воскресението на мртвите ме судите вие денес.‘«
22 Кога го чу тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: »Ќе го разгледам делото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.«
23 И му заповеда на стотникот да го пази Павла, но полабаво, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат при него.
24 По неколку дни дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, та го повика Павла и слушаше од него за верата во Христа Исуса.
25 А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: »Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.«
26 При ова се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа често го повикуваше и разговараше со него.
27 Но кога изминаа две години, Феликса го замени Порциј Фест. И бидејќи сакаше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павла во окови.