Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 23

:
Macedonian - 1990
1 Павле го впери својот поглед кој Синедрионот и рече: »Луѓе, браќа! До оној ден со најдобра совест пред Бога живеев!«
2 А првосвештеникот Ананиј на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата.
3 Тогаш Павле му рече: »Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот.«
4 А оние што стоеја пред него, рекоа: »Божјиот првосвештеник ли го хулиш?«
5 Павле одговори: »Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш‘.«
6 А кога узна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот фарисеи, извика во Синедрионот: »Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж, и за воскресение на мртвите ме судат!«
7 Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот се раздвоија.
8 Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваа и едното и другото.
9 Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: »Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.«
10 И бидејќи стана голем смут, заповедникот, уплашен да не би Павла да го раскинат, им заповеда на војниците да слегнат и да го грабнат од помеѓу нив и да го одведат во тврдината.
11 Ноќта му се јави Господ и му рече: »Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.«
12 А кога се осамна, некои од Јудејците се договорија, зедоа клетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павла.
13 Тие, што зедоа таква клетва, беа повеќе од четириесет души.
14 Па отидоа при првосвештениците и старешините и рекоа: »Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павла.
15 Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот утре да го доведе долу пред нас, ѓоа ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.«
16 Кога чу за таа заседа Павловиот сестрин син, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павла.
17 А Павле повика еден стотник и му рече: »Одведи го ова момче при заповедникот, зашто има нешто да му каже.«
18 И тој го зеде, го одведе при заповедникот и рече: »Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам при тебе, зашто имало нешто да ти каже.«
19 Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: »Што има да ми кажеш?«
20 А тоа рече: »Јудејците се договорија да те молат утре да го одведеш Павла долу пред Синедрионот, ѓоа ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело.
21 Но ти не им верувај, бидејќи ќе го чекаат четириесет, а и повеќе души од нив, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.«
22 Тогаш заповедникот го испрати момчето, откако му порача: »Никому не кажувај оти си ми го кажал ова!«
23 Потоа повика двајца стотници и рече: »Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час ноќеска;
24 и пригответе добици, за да го качат Павла и да го одведат до намесникот Феликс!«
25 Напиша и писмо со оваа содржина:
26 Клаудиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.
27 Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се јавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин.
28 И сакајќи да ја узнаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион,
29 и дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови.
30 И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш при тебе, откако им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против него. Биди здрав!
31 И така, војниците, онака како им беше повелано, го зедоа Павла и го одведоа ноќе во Антипатрида.
32 А на вториот ден се вратија во станот, откако ги оставија коњаниците да одат со него.
33 Оние што влегоа во Ќесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павла.
34 Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече:
35 Ќе те ислушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители. И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.