Acts 22
1 Мажи, браќа и отци! Чујте го сега моето оправдание пред вас.
2 А кога чуја дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече:
3 »Јас сум човек Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град при нозете Гамалиилови, изучен точно според Законот на татковците и исполнет со ревност кон Бога, како што сте и вие сите денес.
4 До смрт ги гонев јас следбениците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени,
5 како што сведочат за мене првосвештеникот и сите старешини, од кои, откако бев земал и писма до браќата, одев во Дамаск да ги доведам во Ерусалим врзани и тамошните, за да бидат казнети.
6 Но, кога бев на пат и наближив до Дамаск, околу пладне, одеднаш од небото ме огреа силна светлина.
7 Јас паднав наземи и чув глас, кој ми зборуваше: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘
8 Јас, пак, одговорив: ‚Кој си ти, Господи?‘ А Он ми рече: ‚Јас сум Исус Назареецот, Кого Го гониш ти.‘
9 Оние, кои беа со мене, ја видоа светлината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го чуја.
10 Тогаш реков: ‚Што да правам, Господи?‘ А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е наредено да правиш.‘
11 И бидејќи од болскотот на таа светлина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск.
12 А некој си Ананиј, маж благочестив според Законот, со добро име меѓу сите Јудејци во Дамаск,
13 дојде при мене, застана и ми рече: ‚Брате Савле, прогледај!‘ И јас во тој миг прогледав и погледав кон него.
14 А тој ми рече: ‚Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да чуеш глас од устата Негова,
15 зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она, што си видел и чул.
16 И сега, што се чека? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, призовувајќи го името на Господа Исуса.‘
17 А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, се занесов
18 и Го видов како ми вели: ‚Побрзај, та излези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го примаат твоето сведоштво за Мене!‘
19 Јас, пак, одговорив: ‚Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе;
20 и кога се проливаше крвта на Стефана, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа.‘
21 И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам далеку – при незнабошците.‘«
22 До тој збор го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и викаа: »Премавни го од земјата таков! Тој не треба да живее!«
23 И бидејќи тие крескаа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот,
24 заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со бичување, за да узнае поради која причина викаат против него така.
25 Но, кога го притегнаа со ремења да го бичуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: »Зар ви е позволено да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?«
26 Кога го чу тоа стотникот, отиде па му кажа на заповедникот и рече: »Гледај, што правиш, зашто овој човек е римски граѓанин.«
27 Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: »Кажи ми, римски граѓанин ли си ти?« Тој одговори: »Да.«
28 А заповедникот рече: »Тоа граѓанство јас сум го придобил за многу големи пари.« Павле пак рече: »А јас сум се и родил како таков.«
29 И веднаш отстапија од него оние, кои сакаа да го испитуваат. А и заповедникот, кога узна дека е тој римски граѓанин, се уплаши оти го беше врзал.
30 На вториот ден, кога сакаше да узнае во што всушност го обвинуваат Јудејците, го ослободи од оковите и заповеда да дојдат првосвештениците и целиот нивни Синедрион, па го доведе долу Павла и го исправи пред нив.