Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 20

:
Macedonian - 1990
1 Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија.
2 А кога ги мина оние места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Елада;
3 таму престоја три месеци. И бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија.
4 До Азија го придружуваше Сосипатр Пиров, беранец, а од солуњаните Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, и азијците Тихик и Трофим.
5 Тие отидоа порано и нѐ чекаа во Троада.
6 А ние отпловивме од Филипи по дните на Бесквасници и за пет дена пристигнавме во Троада при нив, каде што поминавме осум дена.
7 И во првиот ден на седмицата, кога се беа собрале учениците за да прекршат леб, Павле, бидејќи на другиот ден сакаше да тргне, беседеше со нив и го продолжи словото до полноќ.
8 Во горната одаја, каде што се бевме собрале, имаше доста свеќи.
9 А едно момче, по име Евтих, седеше на еден прозорец, и, совладано од длабок сон, додека Павле зборуваше многу, се помрдна во сонот и падна од третиот кат, и го подигнаа мртво.
10 Павле, пак, штом слезе, се спушти врз него, го прегрна и рече: »Не правете смут, зашто душата негова уште е во него!«
11 А потоа, откако се качи горе, прекрши леб, вкуси и зборуваше долго, дури до зори, а потоа отпатува.
12 Тогаш го доведоа момчето живо и не малку се утешија.
13 Ние отидовме порано со кораб и отпловивме во Асос, каде што сакавме да го земеме Павла, бидејќи тој намераваше да оди сам пешки, така ни беше порачал.
14 И кога се сретна со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилина.
15 А кога отпловивме оттаму, на вториот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос, и, откако престојавме во Трогилија, на вториот ден дојдовме во Милит.
16 Во оние дни Павле реши да помине покрај Ефес, та да не се задржи многу во Азија, зашто брзаше, ако му биде можно во Ерусалим да се најде за денот на Педесетница.
17 Но од Милит прати во Ефес покани до свештениците црковни.
18 И кога дојдоа при него, тој им рече: »Вие знаете дека од првиот ден, кога стапив во Азија, постојано бев со вас,
19 служејќи Му на Господа со голема смиреност и многу солзи и меѓу искушенија, што ми идеа од лошите замисли на Јудејците;
20 дека не пропуштив ништо полезно да не ви кажам и да не ве поучам пред народот и по куќите,
21 проповедајќи им и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос.
22 И ете, сега, сврзан со Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми стане таму,
23 освен она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки.
24 Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, стига само со радост да ги завршам патот и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат.
25 И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите лицето мое сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо.
26 Затоа во денешниов ден ви сведочам дека сум чист од крвта на сите,
27 бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам целокупната волја Божја.
28 Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв.
29 Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото;
30 а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси.
31 Затоа бидете будни и помнете, дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас.
32 А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени.
33 Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека;
34 сами знаете, дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце.
35 Со сѐ ви покажав, дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Он рече: ‚Поблажено е да се дава, отколку да се зема‘.«
36 Кога го рече тоа, падна на колена и се помоли заедно со нив.
37 Тогаш сите плачеа многу и, гушкајќи го Павла околу вратот, го целиваа,
38 нажалени најмногу од зборот што рече дека нема веќе да го видат лицето негово. И го испратија до коработ.