Acts 19
1 Во она време, додека Аполос беше во Коринт, Павле минуваше низ горните земји, па дојде во Ефес и, откако таму најде некои ученици,
2 им рече: »Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?« А тие му одговорија: »Ние не сме ни чуле дека има Дух Свети.«
3 Тој им рече: »А во што се крстивте?« Тие одговорија: »Во Јовановото крштавање.«
4 Павле рече: »Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исуса Христа.«
5 А кога го чуја тоа, тие се крстија во името на Господа Исуса.
6 И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив, и тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат.
7 А вкупно беа околу дванаесет души.
8 И кога влезе во синагогата, Павле проповедаше без страв и преку три месеци ги уверуваше за царството Божјо.
9 Но, бидејќи некои се ожесточуваа беа многу упорни во лошото зборување за патот Господов пред народот, тој, откако ги остави, ги одвои учениците и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран.
10 Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, го чуја словото за Господа Исуса.
11 А Бог правеше не мали чудеса преку рацете Павлови,
12 така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив.
13 Некои, пак, од Јудејците скитници заколнувачи почнаа да го изговараат името на Господа Исуса над оние, кои имаа зли духови, и велеа: »Ве заколнуваме во Исуса, Кого Го проповеда Павле!«
14 Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева.
15 А лошиот дух одговори и рече: »Исуса Го познавам и Павла го знам; но кои сте вие?«
16 И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа.
17 За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господа Исуса се величаше.
18 И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела.
19 А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници.
20 Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово.
21 А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, па рече: »Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам и Рим.«
22 И прати во Македонија двајца од оние, кои му служеа – Тимотеја и Ераста, а сам остана извесно време во Азија.
23 Во тоа време настана голем смут за патот Господов:
24 некој си златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида и на занаетчиите им донесуваше со тоа не мала печалба,
25 откако ги собра нив, а и други занаетчии на такви работи, рече: »Другари, познато ви е дека од таа работа зависи нашиот добар помин;
26 а, пак, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и обрна доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце.
27 Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за ништо, и нејзиното величие да загине, која ја почитува цела Азија и вселената.«
28 Кога го чуја тоа, се исполнија со јарост, почнаа да извикуваат велејќи: »Велика е Артемида Ефеска!«
29 И целиот град се побуни; па како ги грабнаа Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници, еднодушно се втурнаа на нив.
30 А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија.
31 Исто така и некои од азиските началници, бидејќи му беа пријатели, испратија при него и го молеа да не се појавува на собиралиштето.
32 И така, едни крескаа, други друго правеа; зашто во собранието владееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беше собрал народот.
33 По предлог на Јудејците беше извикан меѓу народот Александар. Александар даде знак со рака и сакаше да каже заштитен збор пред народот.
34 Но кога узнаа дека е Јудеец, сите извикаа во еден глас и крескаа околу два часа: »Велика е Артемида Ефеска!«
35 А градскиот писар, кога го смири народот, рече: »Луѓе ефесци, кој човек не знае дека градот Ефес е служител на великата божица Артемида и нејзиниот паднат идол од Зевса?
36 Штом е тоа, пак, беспорно, вие треба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено.
37 А вие сте ги довеле овие луѓе, кои ниту храмот на Артемида го обрале, ниту, пак, божицата ваша ја хулат.
38 Ако, пак, Димитриј и занаетчиите, што се со него, имаат нешто против некого, за тоа постојат судски собори, а има и проконсули: нека се тужат едни со други.
39 Ако, пак, нешто друго барате, тоа ќе биде решено во законското собрание.
40 Оти постои опасност да бидеме обвинети за бунт поради денешнава работа, бидејќи нема никаква причина, со која можеме да го оправдаме ова собрание.« Штом го рече тоа, собранието го распушти.