Acts 15
1 А некои, слегнати од Јудеја, ги учеа браќата: »Ако не се обрежете според укажувањето Мојсеево, не можете да се спасите!«
2 А кога настана расправија, и Павле и Варнава не малку се препираа со нив, па определија Павле и Варнава од нив и некои други да отидат горе при апостолите и старешините во Ерусалим за ова прашање.
3 Тие, пак, испратени од црквата, минеа преку Финикија и Самарија, зборувајќи за обраќањето на незнабошците и предизвикуваа голема радост кај сите браќа.
4 А кога дојдоа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старешините и рекоа сѐ што направи со нив Бог и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците.
5 Тогаш станаа некои од фарисејската ерес, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев.
6 Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање.
7 По долго расправање стана Петар и им рече: »Луѓе, браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас незнабошците од мојата уста да го чујат словото евангелско и да поверуваат;
8 и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам,
9 и не правејќи никаква разлика меѓу нас и нив, ги очисти со верата нивните срца.
10 Сега, пак, зошто го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11 Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исуса Христа, како и тие.«
12 Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павла, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13 А кога тие престанаа, тогаш прозборува Јаков и рече: »Мажи, браќа, чујте ме!
14 Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име;
15 и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16 ‚И потоа ќе се обрнам и ќе го обновам паднатиот дом на Давида, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17 за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18 Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19 Затоа јас мислам дека не треба да им се прават мачнотии на оние незнабошци, кои се обраќаат кон Бога,
20 туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно.
21 Зашто Мојсеј во сите градови има луѓе од старите времиња, кои го проповедаат, оти неговиот Закон се чита по синагогите во секоја сабота.«
22 Тогаш апостолите и старешините со целата црква најдоа за добро да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варсава, и Сила, луѓе истакнати меѓу браќата, и со Павла и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23 И со своите раце им го напишаа следново: »Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат обратените браќа што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24 Бидејќи чувме дека некои, што излегоа од нас, ве смутиле со зборови, и ги одвратиле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот, на кои ние не сме им заповедале;
25 та, откако се собравме, еднодушно најдовме за добро да избереме луѓе и да ги пратиме при вас заедно со нашите омилени Варнава и Павла,
26 луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27 И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и со зборови.
28 Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно:
29 да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!«
30 И така испратени, тие дојдоа во Антиохија, и, кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31 А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утехата.
32 Јуда, пак, и Сила, бидејќи и сами пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија.
33 Откако престојуваа таму некое време, ги отпуштија браќата со мир при апостолите.
34 Но Сила најде за добро да остане таму, а Јуда се врати во Ерусалим.
35 Павле, пак, и Варнава живееја во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото Господово заедно со мнозина други.
36 По неколку дни Павле му рече на Варнава: »Да појдеме пак по сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.«
37 Варнава предложи да го земат со себе и Јована, наречен Марко.
38 Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени.
39 Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар;
40 а Павле си го избра Сила и тргна предаден на Божјата благодат од браќата.
41 И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите.