Revelation 19MKB

1Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог,

2​зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.”

3И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!”

4И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!”

5А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.”

6И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сèмоќниот!

7Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви,

8и беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите.

9И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.” Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!”

10И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.”

11И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно.

12Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него.

13И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово.

14А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа.

15И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сèмоќниот.

16А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.”

17И видов еден ангел како стои на сонцето и извика со силен глас, зборувајќи им на сите птици, што летаат среде небото: „Дојдете и соберете се на големата Божја гозба,

18да јадете месо од цареви и месо од војводи и месо од силни; и месо од коњи и од оние, кои седат на нив и месо од сите слободни и робови, и мали и големи.”

19И го видов Ѕверот и земните цареви и нивните војски - собрани, за да војуваат против Оној, Кој седи на коњот и против Неговата војска.

20И Ѕверот беше фатен, заедно со лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, со кои ги заведе оние, кои ја примија ознаката на Ѕверот и кои се клањаа на неговиот лик; и обајцата беа фрлени живи во огненото езеро, што гори со сулфур.

21Другите пак беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот, и сите птици се наситија со нивното месо.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Revelation 19.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.