1Моето срце е непоколебливо, Боже, ќе пеам и ќе свирам со душата моја.
2Разбуди се, псалтиру и харфо! Ќе ја разбудам утринската зора.
3Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Ти пеам меѓу племињата,
4зашто Твојата добрина е повисока од небото, Твојата вистина е до облаците.
5Возвиши се, Боже, над небесата, Твојата Слава нека е над целата земја!
6За да се избават Твоите возљубени, спаси со Својата десница, и услиши ме!
7Бог рече во Своето Светилиште: „Ќе го разделам Сихем, воскликнувајќи, ќе ја измерам долината Сокхот.
8Мој е Галад, Мој и Манасиј, Ефрем Ми е кацига, Јудеја - Мое жезло!
9Моав Ми е мијалник, Мојата обувка ќе ја фрлам врз Едом, ќе ја славам победата над Филистејците!”
10Кој ќе ме доведе до утврдениот град? Кој ќе ме доведе до Едом?
11Зар не сакаш Ти, о Боже, што нè отфрли? Зар не сакаш повеќе, Боже, со нашите чети?
12Помогни ни против непријателите, зашто е ништожна човечката помош!
13Храбро ќе се бориме, со Божја помош, Бог ќе ги згази нашите непријатели.