Psalms 107MKB

1Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна!

2Така нека речат сите избавеници, кои Господ ги избави од непријателските раце,

3и кои ги собра од сите земји: од исток и запад, од север и југ.

4Скитаа низ пустината, во пуста осаменост, не наоѓајќи пат до населен град.

5Беа гладни, изморени од жед, душата истоштена во нив.

6Тогаш извикаа на Господа во својата тешкотија, и Тој ги избави од сите неволји.

7Ги поведе по правиот пат, за да стигнат до населен град.

8Нека Го слават Господа за Неговата милост, за Неговите чудеса кон човечките синови,

9зашто Тој ја насити гладната душа, Тој ја наполни со добрина изгладнетата душа.

10Седеа во мрак и во темнина, оковани со беда и со железо,

11зашто и се противеа на Божјата беседа и го презреа наумот на Сèвишниот.

12Заради тоа им го скрши срцето со страдања, се слизнуваа, а немаше никој да им помогне.

13Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија, и Тој ги спаси од сите неволји.

14Ги изведе од мрак и од темнина, ги скина нивните окови.

15Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови!

16Зашто ја разби бронзената врата и ги скрши железните лостови.

17Неразумните се мачеа заради своите бунтовни патишта, поради своите безумности, се мачеа.

18Секое јадење и се гадеше на нивната душа, дојдоа до вратата на смртта.

19Тогаш извикаа кон Господа, во својата беда, и Тој ги спаси од сите неволји.

20Го испрати Своето слово, за да ги оздрави, и за да им го спаси животот од гробната јама.

21Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови!

22Нека принесуваат благодарни жртви, и воскликнувајќи нека ги раскажуваат Неговите дела.

23Тие кои забродија со бродови по морето, да тргуваат по силните води:

24тие ги видоа Господовите дела, Неговите чудеса во длабочните.

25Тој рече и буроносниот ветер се завиори, што ги крева морските бранови во височина.

26Се креваа до небо, се спуштаа во бездна. Душата им гинеше во неволја.

27Се лулаа и се слизнуваа како пијани, сета мудрост ги изневери.

28Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија и Тој ги истрга од сите неволји.

29Ја смири бурата со тивко ветерче, морските бранови молкнаа.

30Се израдуваа на тишината, Тој ги поведе во желно пристаниште.

31Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови!

32Нека Го возвишуваат во народното собрание, Нека Го фалат во советот на старците!

33Тој ги претвори: реките во пустина, а водните извори во жедна земја;

34плодоносната земја во солена пустина, заради лошотијата на нејзините жители.

35Тој ја претвори пустината во езеро, а сувата земја во водени извори.

36И ги насели таму изгладнетите, па изградија град каде ќе живеат.

37Ги засеаја нивите, ги засадија лозјата, што им донесоа изобилни плодови.

38И Тој ги благослови, па се намножија многу, и стадата не им се намалија.

39Беа проредени и презрени, под товарот на страдањата и неволјите.

40Оној Кој излива презрение кон кнезовите, ги пушти да скитаат по пусти патишта.

41Го издига бедниот од неволја и ги умножи семејствата како стадо.

42Гледајќи го тоа, нека се радуваат чесните, а беззаконикот нека си ја затвори устата!

43Кој е мудар, нека размисли за сè тоа и нека ја согледа Господовата милост.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Psalms 107.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.