Mark 13MKB

1И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!”

2А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат.

3И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо:

4”Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сè тоа ќе се исполни?”

5А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами!

6Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина.

7Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток;

8зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.”

9”Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво.

10Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи.

11А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.

12И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

13И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси.

14А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите!

15Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа;

16а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка.

17Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни!

18Молете се, тоа да не биде зиме!

19Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде.

20И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра, ги скрати дните.

21И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте;

22зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно.

23А вие внимавајте! Ете, ви кажав сè однапред!”

24”Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,

25ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат.

26И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава.

27И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.”

28А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу.

29Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата.

30Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне.

31Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.

32А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.”

33”Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето!

34Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вратарот му нареди да бдее.

35И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро,

36за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани.

37А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!”

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Mark 13.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.