Mark 12MKB

1И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје; го загради со плет; ископа точилница; изгради кула, и им го даде под наем на земјоделците, и замина.

2А во време на плод, испрати слуга кај земјоделците, да прими од земјоделците дел од плодот на лозјето.

3Но тие го фатија, го претепаа и го пуштија со празни раце.

4И пак им испрати друг слуга; и нему каменувајќи го, го погодија по глава и го отпуштија навреден.

5Испрати и друг, а него го убија; и мнозина други: едни претепаа, а други убија.

6Имаше уште еден: возљубениот син. Него го испрати последен при нив, велејќи: ‘Ќе го почитуваат мојот син!’

7Но, земјоделците си рекоа меѓу себе: ‘Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.’

8И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.

9И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе го даде на други.

10Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот;

11тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи’!”

12И бараа да Го фатат, но се плашеа од народот; зашто разбраа дека за нив ја кажа таа парабола. И Го оставија и си отидоа.

13Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор.

14Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?”

15А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!”

16А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Тие пак рекоа: „На царот.”

17Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.” И Му се чудеа.

18И дојдоа при Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:

19”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре брат и остави жена, а не остави потомок; неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на брата си.”

20Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок.

21И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така.

22И седуммината не оставија потомство. А по сите умре и жената.

23По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена, зашто седуммината ја имаа за жена?”

24Исус им рече: „Не се заблудувате ли, зашто не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила?

25Зашто кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како небесните ангели.

26А за мртвите - дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга, при капината, како Бог му рече: ‘Јас Сум Бог Авраамов, и Бог Исаков и Бог Јаковов’?

27Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Многу се измамувате!”

28И пристапи еден од книжниците, кој чу како се препираат, знаејќи дека им одговори добро, Го праша: „Која е прва од сите заповеди?”

29Исус одговори: „Првата е: ‘Слушај Израеле - Господ, нашиот Бог - е единствен Господ,

30и љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила’!”

31А оваа е втората: „Љуби го својот ближен како себеси!” Друга заповед, поголема од овие, нема.”

32И книжникот Му рече: „Добро, Учителе, кажа според вистината дека Бог е Еден, и нема друг освен Него,

33и да Го љубиш Него со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила; и да го љубиш ближниот како себеси, тоа е многу повеќе од сите паленици и жртви.”

34А Исус кога виде дека одговори разумно - му рече: „Не си далеку од Божјото Царство.” И никој повеќе не се осмели да Го праша.

35И проговори Исус и зборуваше, поучувајќи во Храмот: „Како зборуваат книжниците дека Христос е Син Давидов?

36Самиот Давид рече преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: „Седи оддесно Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.”

37Самиот Давид Го наречува ‘Господ’ - како може тогаш да му биде син?” И големо множество Го слушаше со задоволство.

38И во Својата поука, рече: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат: да одат во долги облеки; и поздрави по трговиштата;

39и први седишта во синагогите, и челни места на гозбите.

40Кои ги изедуваат домовите на вдовиците; и преправајќи се, се молат долго - тие ќе бидат судени построго!”

41И седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во ковчежето; и мнозина богати пуштаа многу.

42И дојде една бедна вдовица и пушти внатре две лепти, односно еден кодрант.

43Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: „Вистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите, кои пуштаа во ковчежето.

44Зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше: целиот свој имот.”

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Mark 12.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.