1Спомни си Господи што нè најде, погледај, види го нашиот срам!
2Нашето наследство падна во рацете на странците, нашите домови им припаднаа на туѓинците.
3Сирачиња сме: немаме татко, мајките ни се како вдовици.
4Водата што ја пиеме ја плаќаме со сребреници, треба да платиме и за дрво.
5Јаремот ни е на вратот, нè гонат, исцрпени сме, не нè оставаат да здивнеме.
6Ги пружаме рацете кон Египет и Асирија за да се наситиме со леб.
7Нашите татковци згрешија, и веќе ги нема, а ние ги носиме казните за нивните беззаконија.
8Робови ни заповедаат а никој - да нè избави од нивните раце.
9Го донесуваме својот леб излагајќи го животот на меч во пустината.
10Кожата ни гори како вжарена печка, со треска од пламенот на гладта.
11Ги осквернија жените на Сион и девиците во јудејските градови.
12Со свои раце ги бесеа кнезовите, не ги почитуваа ни старечките лица.
13Момчињата ги натераа да мелат, децата паѓаа под бремето на дрвата.
14Старците ја оставија вратата, младите веќе не свират на лири.
15Ја снема радоста од нашите срца, нашето играње се претвори во тажење.
16Венецот падна од нашата глава, тешко ни нам што згрешивме!
17Еве, зошто ни болува срцето, еве, зошто ни се покриваат очите:
18затоа што опусте Сионската Гора и по неа скитаат шакали.
19А Ти, Господи, остануваш за секогаш, Твојот престол е од колено до колено.
20Зошто да нè заборавиш за секогаш, да нè оставиш за долго време?
21Врати нè кон себе, Господи, и ќе се обратиме. Обнови ги нашите денови како што беа некогаш.
22Или сакаш да нè зафрлиш сосем и да се срдиш бескрајно на нас?