Lamentations 4MKB

1Како потемне златото, тоа суво злато! Светото камење се истури по аглите на сите улици.

2Сионските синови, некогаш ценети како најчисто злато, ах! сега ги ценат како глинени садови, како дело на грнчаревите раце!

3Па и шакалите ги подаваат градите и ги дојат младите, но ќерките на мојот народ станаа сурови како ноеви во пустината.

4Јазикот на доилчето се лепи за непцето од жед. Децата пиштат за леб, а никој да им го даде.

5Оние, кои некогаш се сладеа со избрани јадења гниат по улиците; некогаш носени во црвено сукно сега се тркалаат по буништето.

6Поголем беше гревот на Ќерката на мојот народ отколку гревот на Содом, што во миг на окото беше разурнат, а ничија рака не се дигна против него.

7Нејзините младинци беа некогаш почисти од снегот, побели од млекото, порумени од корал им беа телата, лицето мазно како сафир.

8Сега образот им е поцрн од саѓите, не се препознаваат веќе на улица. Кожата им се лепи за коските, сува како дрво.

9Како се среќни оние што мечот ги прободе, посреќни од оние, кои ги умртви гладот; кои паѓаат исцрпени, зашто им недостигаат земјините плодови.

10Рацете на жените со меко срце ги вареа своите деца, се хранеа со нив во времето на пропаста на Ќерките на мојот народ.

11Господ го засити Својот бес, ја излеа својата јаросна расрденост, раздува на Сиои оган, што ги изгорува и самите негови основи.

12Не веруваа земните цареви ни вкупното население на земјата дека угнетувачот и непријателот ќе влезат низ ерусалимската врата.

13Заради гревот на своите пророци, заради беззаконието на свештениците, кои сред градот ја пролеваа крвта на праведниците!

14Бладаа како слепи по улиците, извалкани со крв, та никој не смееше да се допре до нивната облека.

15Отстапете нечисти! - им викаат. Отстапете! Не допирајте се!” И тие си заминаа смутени; а меѓу народот говореа: „Подобро е да ги нема! „

16Господовото лице ги распрсна, Тој веќе не ги гледаше. Не ги почитуваат веќе свештениците, не ги сожалуваат старците.

17Очите веќе ни потемнеа, чекајќи помош но напразно! од нашите стражарници, гледајќи во далечина, го чекавме народот, кој не можеше да нè спаси.

18Не дебнат при чекорите за да не одиме по своите раскрсници. Ни се ближи крајот, ни се исполнија деновите, доаѓа нашиот крај.

19Нашите гонители беа побрзи од орлите на небото; нè гонеа во планината, нè пречекуваа во заседа во пустината.

20Нашиот животен здив, Господовиот помазамик, падна во нивните јами - тој за кого што зборувавме: „Во неговата сенка ќе живееме меѓу народите.”

21Радувај се и весели се, Едомска ќерко, Ти, која што живееш во земјата Уз! Чашата ќе дојде и до тебе, ќе се испијаниш и ќе се разголиш.

22Твојот грев е искупен, Сионска ќерко, веќе не ќе те водат во прогонство. Ќе го казнат твоето беззаконие, Едомска ќерко, ќе ги откријат твоите гревови.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Lamentations 4.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.