Joel 2MKB

1Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовнот ден. Да, тој е близу.

2Ден полн со мрак и темнина, облачен и темен. Како зора по горите се шири јак и многуброен народ, каков немаше никогаш порано. ниту ќе го има некогаш до најдалечните времиња.

3Пред нив огнот изедува, по нив пламенот голта. Земјата е како рајска градина пред него, а по него тажна пустина. Ништо не му бега.

4Личат на коњи, трчаат како коњаници.

5Бучат како бојна кола, скокаат по горските врвови, потпукнуваат како огнен пламен кога ја изедува нивата со тврдо зрно, како силна војска во боен ред.

6Пред нив треперат народите и секое лице пребледнува.

7Скокаат како јунаци, се искачуваат на ѕидовите како војници. Секој оди право напред, не отстапува од својот пат.

8Не се стискаат еден друг, туку секој оди по својата патека. Паѓаат од стрели, не прекинувајќи ги редовите.

9Се спуштаат врз градот, скокаат на ѕидовите, се искачуваат на куќите и влегуваат низ окната како крадец.

10Пред нив се тресе земјата, небото трепери, сонцето, месечината потемнуваат, на ѕвездите им гасне блесокот.

11И Господ ќе испрати Свој глас пред Своето воинство. Зашто сосем многубројна е Неговата војска, силен извршител на Неговата заповед. Да, величествен е Господовиот ден и многу страшен. Кој ќе го истрпи?

12„Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.”

13Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата.

14Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог!

15Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир,

16соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата.

17Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’”

18Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

21О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела.

22Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство.

23Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш.

24Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло.

25„Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас.

26Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе.

27Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами.

28По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија.

29Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови.

30Ќе покажам знаци на небото и на земјата, крв и оган и столбови дим.

31Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи Господовиот Ден, голем и страшен.

32Сите што го повикуваат Господовото име ќе бидат спасени, зашто спасението ќе биде на гората Сион и во Ерусалим, како што рече Господ, а меѓу преживеаните оние кои Господ ќе ги повика.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Joel 2.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.