Isaiah 7MKB

1Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат.

2Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.” На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот.

3И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле.

4Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син,

5зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст.

6„Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.”

7‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде!

8Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ.

9Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.”‘“

10Господ му проговори пак на Ахаз и му рече:

11„Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.”

12Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.”

13Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате!

14Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел!

15Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто.

16Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства.

17Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.”

18Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја,

19да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта.

20Во оној ден, ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат - со асирскиот цар - косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите.

21Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци,

22и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст; ќе се хранат со маст и мед сите што ќе останат во земјата.

23Во онај ден, секаде каде имаше илјада копачки, што вредеа илјада сребреници, ќе изникнат глогинки и трње.

24Онаму ќе тргнуваат со стрела и лак, зашто целата земја ќе обрасте со глогинки и трње.

25А по сите гори каде се копаше со мотика веќе никој не ќе оди, страшејќи се од трњето и глогинките: таму ќе пасат говеда и ќе газат овци.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Isaiah 7.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.