1Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако!
2Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?
3Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени.
4И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот.
5Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението,
6знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот;
7бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот.
8А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме,
9знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него.
10Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го живее, за Бога го живее.
11Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ.
12И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!
13Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста.
14Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.
15Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако!
16Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или — на послушноста, која води кон праведност?
17Но, благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце се покоривте на оној образец на поука, на која ѝ се предадовте.
18И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста.
19Ви зборувам како човек, поради слабоста на вашата човечка природа. Како што ги препуштивте органите на вашето тело во телесна служба на нечистотата и беззаконието за беззаконие, така и сега оставете ги деловите од вашето тело да ѝ робуваат на праведноста која води во светост.
20Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.
21А каков плод имавте тогаш? Дела, од кои сега се срамувате, бидејќи нивниот крај е смртта.
22Но сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, имате плод кој води во светост, а крајот — животот вечен.
23Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ.