1Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на немоќните, и да не си угодуваме на себеси.
2Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба.
3Зашто и Христос не си угоди на Себе Самиот, туку како што е напишано: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“
4А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.
5А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус,
6та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос.
7Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја.
8Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците,
9а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за милосрдието, како што е напишано: „Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“
10И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“
11И понатаму: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“
12Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“
13А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.
14И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.
15Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ве потсетам со благодатта што Бог ми ја даде,
16за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Евангелие, за да бидат незнабошците благопријатен принос, осветен од Светиот Дух.
17И така, со тоа можам да се пофалам во Исус Христос кај Бога,
18зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил преку Мене со зборови и дела,
19со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незнабошците кон послушност во верата, така што Евангелието Христово го распространува од Ерусалим и неговата околина и сѐ до Илирик.
20И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму каде што името Христово беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел.
21Но, како што е напишано: „Оние, на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.“
22Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам кај вас.
23Сега, пак, бидејќи нема веќе место за мојата работа во овие земји, а уште од пред многу години копнеев да дојдам кај вас,
24кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека натаму вие ќе ме испратите, откако најнапред ќе ви се порадувам.
25А сега одам во Ерусалим за да им послужам на светиите,
26зашто Македонија и Ахаја одлучија да дадат некаков прилог за сиромашните светии во Ерусалим.
27Тие така тоа го одлучија, а и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тогаш тие се должни ним да им служат со материјални блага.
28А откако ќе го направам ова и ќе им го запечатам овој плод, преку вашата земја ќе заминам за Шпанија.
29А знам дека, кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие.
30Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене,
31за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и моето служење во Ерусалим да им биде благопријатно на светиите;
32та радосен да дојдам кај вас со Божјата волја и да се успокојам со вас.
33А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин!