1Браќа, желбата на моето срце и на мојата молитва кон Бога за Израел е за негово спасение.
2Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не според сознанието.
3Зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не ѝ се подредија на Божјата праведност,
4бидејќи крајната цел на Законот е Христос, за да биде оправдан секој што во Него верува.
5Мојсеј пишува за праведноста на Законот: „Кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив.“
6А праведноста од верата вели: „Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се искачи на небото?“, што значи да се симне Христос,
7или: „Кој ќе слезе во бездната?“, што значи да се изведе Христос од мртвите!
8А што вели таа? — „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце“, односно словото на верата, што го проповедаме,
9зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш;
10бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение.
11А и Писмото вели: „Секој кој верува во Него, нема да се посрами.“
12Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат.
13Бидејќи секој кој ќе го повика името Господово, ќе биде спасен.
14Но како да Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Како, пак, да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А како да слушнат, ако нема кој да проповеда?
15И како да проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: „Колку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто.“
16Но Евангелието сите не го послушаа. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во она што го проповедавме?“
17Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката — од Божјото слово.
18Но велам: зар тие не слушнаа? Напротив. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни — до краиштата на вселената.“
19Пак велам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве разгневам.“
20А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене.“
21За Израел, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и бунтовен.“