1Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја:
2го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната — и го врза за илјада години;
3потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време.
4И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на рацете свои и оживеаја и царуваа со Христос илјада години.
5Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение.
6Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години.
7А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој,
8и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.
9Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта.
10А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови.
11И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде.
12Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори — книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни.
13Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои.
14А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт.
15И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро.