1Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав.
2Зачувај ја душата моја, зашто сум посветен на Тебе; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева во Тебе.
3Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден.
4Развесели ја душата на Твојот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам душата своја;
5зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те повикуваат.
6Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја.
7Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу.
8Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.
9Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое,
10зашто Ти си велик и правиш чудеса, — Ти си Бог единствен!
11Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и дај ми непоколебливо срце, за да го почитувам името Твое.
12Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сѐ срце и вечно ќе го прославувам името Твое,
13зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од адските длабини.
14Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе.
15Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен,
16погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата Свој и спаси го синот на слугинката Твоја;
17покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.