1Зошто, Боже, нѐ отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште?
2Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезолот како наследство Твое, и на гората Сионска, на која Ти се насели!
3Зачекори кон вечните урнатини, непријателот уништи сѐ во светилиштето Твое.
4Твоите непријатели викаа во Твоето Собрание, поставија свои знаци таму.
5Мафтаа и кршеа со секири кај горниот влез,
6со секира и дрвен чекан ги искршија дрвените резби;
7го запалија со оган Твоето светилиште, го осквернија местото, на кое името Твое престојува, до земја го разурнаа.
8Рекоа во срцата свои: „Ајде докрај да ги истребиме!“ И ги изгореа сите Божји светилишта во земјата.
9Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и никој од нас не знае, до кога?
10До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го презира името Твое?
11Зошто ја повлекуваш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја криеш?
12Но Бог, Царот мој е уште од пред вековите, Тој приготвува спасение среде Земјата!
13Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила.
14Ти му ја здроби главата на Левијатанот и им ја даде како храна на пустинските животни.
15Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките непресушни.
16Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти ги постави светилата и сонцето;
17Ти ги создаде сите граници на Земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
18Сети се сепак на ова; непријателот Го навреди Господа; луѓе безумни го презираат Твоето име.
19Не предавај ја на ѕверовите душата на Својата грлица; не заборавај ги засекогаш душите на сиромасите Твои.
20Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици.
21Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот нека го прославуваат Твоето име.
22Стани Боже, според правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безбожникот.
23Не заборавај ја викотницата на Твоите непријатели, буната на оние што Те мразат, која постојано се крева против Тебе.